Стигна казната за Албанската фудбалска федерација од 161.500 франци за натпреварот Албанија-Србија

Албанската фудбалска федерација објави дека официјално е известена од ФИФА за дисциплинска одлука во врска со натпреварот Албанија-Србија што се одржа на 7 јуни 2025 година на стадионот „Ер Албанија“ во Тирана.

Според одлуката на ФИФА, албанската фудбалска федерација (FSHF) е казнета со парична казна од 161.500 швајцарски франци и со обврска следниот домашен натпревар против Латвија да се игра со најмалку 20% од капацитетот на стадионот затворен за јавноста.

-Оваа казна доаѓа како резултат на повторено, несоодветно и дискриминаторско однесување од страна на дел од албанските навивачи, вклучувајќи: песни со дискриминаторска содржина, фрлање предмети, палење огномет, користење гестови и пораки несоодветни за спортски настан, како и прекини при изведувањето на националните химни, наведува FSHF.

Федерацијата ја смета оваа одлука за сериозна казна за целата фудбалска заедница, која ѝ штети не само на институцијата, туку пред сè на албанската репрезентација.
Во својата реакција, ги повикува „сите црвено-црни навивачи да избегнуваат каква било акција што може да му наштети на тимот, да ги почитуваат меѓународните правила и да придонесат за достоинствена атмосфера во поддршка на Албанија“.„Само обединети и одговорни можеме да ја поддржиме репрезентацијата како што заслужува“, нагласува Федерацијата во своето соопштение.

Зачлени се на нашиот е-билтен