Вејсели и Хајдари се полуфиналисти во Таранто, Нуров запре во групата

Македонското борење има двајца полуфиналисти на Медитеранските игри „Таранто 2026“. Фати Вејсели обезбеди место меѓу најдобрите четворица во категоријата до 74 килограми, а Реџеп Хајдари ќе се бори за финале до 97 килограми. Магомедгаџи Нуров го заврши настапот до 125 килограми со една победа и два пораза.

Вејсели во осминафиналето го совлада Тунижанецот Хаиредин Бен Тлили со 6-3 на поени. Во четвртфиналето беше подобар и од египетскиот борач Омар Мурад, кого го победи со 4-1.

За пласман во финалето, Вејсели денеска од 17:08 часот ќе се бори против Јасин Јешил од Турција. Турскиот репрезентативец до полуфиналето стигна со победа од 10-0 против Маџд Аиша од Сирија и со триумф од 9-4 над Абделкадер Икал од Алжир.

Успешен настап имаше и Реџеп Хајдари во категоријата до 97 килограми. Тој ја започна групната фаза со пораз од 0-10 од Даурен Куруглиев од Грција, но во вториот меч убедливо го совлада Мароканецот Валид Шеик Лахлу со 11-0, со техничка супериорност.

Со една победа и еден пораз, Хајдари го освои второто место во групата Б и обезбеди пласман во полуфиналето. Негов противник денеска од 17:24 часот ќе биде непоразениот Адлан Вишханов од Франција, победник на групата А.

Денот на Магомедгаџи Нуров во најтешката категорија до 125 килограми имаше поинаков тек. Тој најпрво загуби со 2-6 од Азамат Хосонов од Грција, а потоа со 7-2 го совлада Италијанецот Абрахам Конједо Руано, освојувач на бронзен медал на Олимписките игри во Токио.

Во последниот меч Нуров загуби со 0-5 од Парис Карепи од Албанија и групата ја заврши со една победа и два пораза.

Зад непоразениот Хосонов, Нуров, Конједо и Карепи имаа по една победа. При тројна изедначеност правилата на Обединетото светско борење предност им даваат на класификациските бодови. Конједо собра пет, а Нуров и Карепи по четири, поради што Италијанецот го освои второто место и продолжи во полуфиналето.

Нуров во Таранто настапи во категоријата до 125 килограми, откако претходно двапати стана медитерански шампион до 97 килограми – во Тарагона во 2018 и во Оран во 2022 година.

Вејсели и Хајдари попладнево ќе настапат еден по друг на душекот А во салата „Карол Војтила“ во Мартина Франка.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?