Замина Васил Рингов – едно од најголемите имиња на македонскиот фудбал

Vasil Ringov

Македонската спортска јавност денеска се простува од Васил Рингов, истакнат фудбалер и поранешен репрезентативец, кој почина на 70-годишна возраст по кратко боледување. Со неговото заминување згасна уште една силна врска со златните години на македонскиот и југословенскиот фудбал.

Васил Рингов остави длабок и траен белег, пред сè како еден од симболите на ФК Вардар. Во дресот на скопскиот клуб одигра над 200 официјални натпревари и постигна 93 гола, учинок што и денес го вбројува меѓу најзначајните имиња во клупската историја.

Неговата кариера беше обележана и со настапи на највисоко југословенско и европско ниво. Рингов беше дел од екипите на Партизан и Динамо Загреб, а интернационалната фудбалска сцена ја почувствува и преку настапите за германскиот Ајнтрахт Брауншвајг. На македонските терени, покрај Вардар, ги бранеше и боите на Тетекс и Беласица, клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори.

Како македонски и југословенски репрезентативец, Рингов беше препознатлив по борбеноста, фудбалската интелигенција и чувството за гол, квалитети поради кои беше ценет и од соиграчите и од навивачите.

Зачлени се на нашиот е-билтен