14 лица починаа во Индија откако испиле отровен пијалок

Најмалку 14 лица починале, а шест се хоспитализирани во тешка состојба откако во текот на ноќта консумирале отровен пијалок во северна Индија, соопшти полицијата.

Седум лица се уапсени под сомнение дека дистрибуирале пијалоци со додадени штетни состојки во пет села во близина на градот Амритсар, во северниот индиски регион Пенџаб.

Исто така, била спроведена рација со цел да се разбие синџирот на снабдување во регионот, поради овој инцидент.

Властите испратиле тимови на терен за да ги прегледаат лицата кои го консумирале пијалокот, иако засега никој од нив не пријавил здравствени проблеми.

Оние што покажале симптоми веднаш биле префрлени во болница со цел да се спречи зголемување на бројот на смртни случаи, информираа надлежните.

Истражителите сè уште не открија кои состојки предизвикале смрт и заболувања кај погодените лица.

Смртни случаи од консумирање на токсични, домашно приготвени алкохолни пијалоци се чести во Индија, особено во руралните подрачја, каде што ваквите производи се продаваат по пониски цени.

Зачлени се на нашиот е-билтен