Британската полиција рано утрово објави дека истражува палење на четири еврејски служби за брза помош во Лондон, велејќи дека инцидентот се третира како антисемитско злосторство од омраза.
Полицијата беше повикана во Голдерс Грин, лондонска населба со голема еврејска заедница, по палењето и оштетувањето на четири амбулантни возила што припаѓаат на Хацола Нортвест, еврејска волонтерска група што обезбедува итна медицинска помош, објавува АП.
Амбулантни возила во пламен во населбата на еврејската заедница
Пожарот предизвика неколку детонации на возилата, кои ги скршија прозорците на блиската станбена зграда, според соопштението на Лондонската противпожарна служба, додавајќи дека нема повредени, дека истрагата е во тек и дека пожарот е ставен под контрола.
- Знаеме дека овој инцидент ќе предизвика голема загриженост во заедницата и затоа полицајците остануваат на местото на настанот за да спроведат истрага – изјави шефицата на лондонската полиција Сара Џексон и додаде дека сè уште не се уапсени осомничени.
Зголемување на антисемитските инциденти во Велика Британија
Полицијата потврди дека извештаите за експлозии се поврзани со канистри со гас во амбулантните возила, што довело до евакуација на блиските станбени згради.
Според Фондот за безбедност на заедницата, кој работи на заштита на еврејската заедница во Лондон, бројот на антисемитски инциденти пријавени низ Велика Британија нагло се зголемил од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на крајот на 2023 година.
Во 2025 година, регистрирани се 3.700 антисемитски инциденти, во споредба со 1.662 во 2022 година.
