Карахантепе, археолошки локалитет во Туркије кој датира од 9-от милениум, е меѓу најатрактивните во рамките на археолошката туристичка понуда. Локалитетот е еден од најстарите во светот и се наоѓа во регионот Шанлиурфа, дом на поголемите неолитиски заедници и населби, меѓу кои и познатиот Ѓебеклитепе, кој е под заштита на УНЕСКО.
Тековната работа во Карахантепе, каде што стотици стоечки камења се видливи на површината, донесе извонредни археолошки наоди, вклучително и јавни објекти украсени со човечки и животински статуи и монументални градби слични на оние пронајдени во Ѓебеклитепе. Беше откриена и резба на диво магаре во движење, што дополнително го нагласи историското значење на локацијата. Благодарение на ваквите извонредни откритија, Карахантепе беше избран и како еден од деветте најважни проекти за теренски ископувања и истражувања во 2023 година на Шангајскиот археолошки форум во Кина.

Како дел од проектот „Наследство за иднината“, започнат од Министерството за култура и туризам на Туркије, Карахантепе ќе добие заштита со покривна конструкција, која ќе се простира на приближно 5.000 квадратни метри. На ваков начин ќе се овозможи ископувањето и реставрацијата да се одвиваат во текот на четирите сезони во годината, но и да се зачува милениумското наследство на Карахантепе, обезбедувајќи еден од најстарите археолошки локалитети во светот да биде достапен и за идните генерации.

Туркије преку различни активности работи на збогатување на архолошката туристичка понуда. Во 2024 година бројот на археолошки истражувања се искачи на 765, во однос на 720 во 2023 година, а се очекува нивниот број да достигне 800 до следната година. Значителни се и инвестиците во развој на модели за одржлив туризам и за поголема достапност на одредени археолошки знаменитости. Во таа насока беше развиен и проектот „Ноќен музеј“, кој значајно придонесе за зголемување на бројот на туристите во музеите.