Авион полета од Пула, се сруши и експлодира во Лондон – загинаа четворица

Мал авион што вчера попладне полета од Пула, Хрватска, се сруши и запали во близина на лондонскиот аеродром Саутенд (London Southend Airport), при што животите ги загубија четири лица. Несреќата се случила непосредно по слетувањето, а сведоците ја опишуваат експлозијата како „огнена топка“.

На социјалните мрежи кружат снимки на кои се гледа огромен пламен и густ црн чад, како и изгорени остатоци од леталото и оштетениот дел од аеродромот. Аеродромот Саутенд е затворен до понатамошно известување, а на патниците им е препорачано да стапат во контакт со нивните авиокомпании.

Потврдено: четворица загинати

Британската полиција добила дојава за несреќата околу 16 часот по локално време. Шефот на полицијата, Морган Кронин, изјави дека во тек е собирање на информации и ги повика граѓаните што имаат снимки или други релевантни податоци да се јават. На местото на несреќата е присутен и Одделот за истраги на воздушни несреќи на Обединетото Кралство.

Евакуирано било и блиското голф-игралиште, но посетителите кои се наоѓале во клуб-зградата останале таму, бидејќи локацијата била на безбедно растојание.

Сведоштва од очевидци

Неколку сведоци изјавиле дека пилотите махале на своите семејства пред полетувањето, но само неколку моменти подоцна, леталото нагло завртело лево, речиси се превртело и се срушило со силна експлозија.

Шеснаесетгодишната патничка Врен Страникс, која се наоѓала во друг авион на пистата, за Sky News изјави:

„Стјуардесата не знаеше што се случува. Ни рекоа дека авион експлодирал и дека не е безбедно да излеземе.“
Сите патници биле вратени назад во терминалот, а сите летови биле откажани.

Рута и сопственост на леталото

Низоземската компанија Zeusch Aviation потврди дека нивниот лет SUZ1 бил вклучен во несреќата. Според компанијата, авионот летал од Атина кон Пула, а потоа кон Саутенд, од каде требало да продолжи кон матичната база во Лелистад, Холандија.

Компанијата засега не објавила повеќе детали за можните причини за несреќата, а истрагата продолжува.

Зачлени се на нашиот е-билтен