Божиќен хаос во европските авиосообраќајни центри

Патниците што планираат да патуваат за време на божиќните празници се соочуваат со можни сериозни доцнења и откажувања на летови, поради низа најавени штрајкови на аеродроми низ Европа. Аеродромските работници протестираат против ниските плати и лошите работни услови, токму во еден од најфреквентните периоди од годината.

Штрајковите делумно се најавуваат однапред, но во некои случаи се прогласуваат само неколку дена или часови пред почетокот, поради што патниците се повикуваат редовно да ги проверуваат информациите за своите летови.

Италија: Координиран штрајк на 17 декември

На 17 декември, дел од аеродромскиот персонал, екипажите и контролорите на летање во Италија ќе учествуваат во координиран четиричасовен штрајк, од 13 до 17 часот. Акцијата ги опфаќа вработените во контролата на летање (ENAV), земјените служби на Assohandlers, персоналот на ITA Airways, Vueling, како и земјените екипи за Air France и KLM.

Иако штрајкот трае четири часа, се очекуваат нарушувања во текот на целиот ден, вклучително и доцнења на летови и подолги редици за пријава и багаж на аеродромите во Рим, Милано, Венеција, Наполи и Катанија. Италијанските власти објавија листа на гарантирани летови.

Обединето Кралство: Штрајкови во Лондон

Во периодот од 19 до 22 и од 26 до 29 декември, земјениот персонал на easyJet на аеродромот Лутон ќе штрајкува, што може да предизвика проблеми со пријавата и ракувањето со багаж.

Дополнително, од 22 до 24 и на 26 декември, кабинскиот персонал на Scandinavian Airlines Services (SAS) на аеродромот Хитроу ќе прекине со работа, што може да влијае на летовите кон Скандинавија. Синдикатите наведуваат дека причината е ниската плата и високите трошоци за живот.

Шпанија: Континуирани штрајкови до крајот на годината

Во Шпанија, вработените во компанијата Azul Handling, која опслужува летови на Ryanair, продолжуваат со периодични штрајкови до 31 декември. Акциите се одржуваат во повеќе термини во текот на денот, неколку пати неделно.

Поради тоа, патниците на Ryanair може да се соочат со доцнења и подолги редици на аеродромите во Барселона, Мадрид, Аликанте, Малага, Палма де Мајорка, Севиља, Валенсија и други градови.

Патниците се советуваат навреме да ги проверуваат статусите на летовите и да се информираат за своите права во случај на откажување или доцнење.

Зачлени се на нашиот е-билтен