Повеќе од 1400 луѓе ги загубија животите во разорниот земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, кој во неделата вечерта го погоди источен Авганистан. Според најновите податоци од авганистанските власти, повредени се и над 3.250 лица.
Најголем дел од жртвите се регистрирани во провинцијата Кунар. Властите предупредуваат дека бројот на загинати може дополнително да се зголеми, бидејќи спасувачките екипи сè уште трагаат по преживеани во планинските и тешко пристапни села.
Земјотресот нанел огромна материјална штета – уништени се бројни села во провинциите Кунар и Нангархар, во близина на градот Џалалабад.
Американскиот геолошки завод (USGS) соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на околу 27 километри источно од Џалалабад, на длабочина од само осум километри. Ваквите плитки земјотреси често предизвикуваат поголема разурнувачка сила. По главниот удар следуваа неколку помали потреси.
Ситуацијата во погодените региони е критична, а спасувачите се во трка со времето за да спасат што е можно повеќе животи.