Турчинот Рахми Карадемир (67) го заборавил турскиот јазик, а проговорил дански по операцијата во градот Конија, на која бил подложен по мозочниот удар.
Карадемир, татко на седум деца, живеел во Данска 20 години пред да се врати во Турција и да се насели во Конија пред десетина години.
Минатата недела бил подложен на операција на коленото на Ортотопскиот оддел во Медицинскиот факултет на Универзитетот во Селџук.
Два дена по операцијата, функцијата на десната рака и нога му ослабела, а говорот му станал отежнат. Лекарите откриле дека причината е крвно згрутчување во една од главните артерии на левата страна од мозокот, пренесува Анадолија.
Лекарите веднаш извршиле итна ангиографија и го отстраниле згрутчувањето, по што главните невролошки симптоми брзо исчезнале, но Карадемир го заборавил турскиот јазик, иако го разбира, додека пак почнал да зборува дански, јазик кој не го користел со години.
Покрај загриженоста што не можел да го користи турскиот, лекарите наведуваат дека брзата интервенција спречила поголеми компликации.
„Забележавме дека пациентот повеќе не зборува турски, но течно зборуваше дански, јазик за кој мислевме дека го заборавил. Во медицинската литература се опишани ретки случаи кога луѓе кои зборуваат повеќе јазици губат еден јазик како последица на мозочен удар, а другиот неочекувано се активира. Способноста да се зборува барем еден јазик по мозочен удар е важна предност за понатамошната рехабилитација“, изјавил докторот Гокхан Оздемир.
Тој додал дека очекува дека Карадемир во иднина ќе ја врати способноста да зборува турски.
Неговата ќерка Мерал Карадемир изјавила дека нејзиниот татко е многу вознемирен, но дека нејзините сестри исто така зборуваат дански, па можат да комуницираат со пациентот.
„Разбирам турски, но не можам да го зборувам. Се обидувам да се сетам на зборови, напрегнувајќи го паметот. Се надевам дека сè ќе помине наскоро. Данскиот е во мојата глава, но турскиот е сосема излезен од меморијата“, изјавил Карадемир.