Глобалните цени на храната пораснаа во февруари во однос на јануари, при што најзначаен скок од 6,6% е забележан кај шеќерот, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Светскиот индекс на цените на храната (FFPI) достигна 127,1 поен, што е зголемување од 1,6% во споредба со претходниот месец. Растот е поттикнат од повисоките цени на шеќерот, млечните производи, растителните масла и житариците, додека месото бележи благо намалување.
Индексот на цените на шеќерот скокна на 118,5 поени, поради загриженоста за намалените глобални залихи за сезоната 2024/25 и послабата продукција во Индија и Бразил. И покрај порастот, цената на шеќерот е сè уште 15,8% пониска во однос на истиот период лани.
Цените на млечните производи се зголемени за 4% на 148,7 поени, со годишен раст од 23,2%. Поскапувања се забележани во сите категории.
Индексот на цените на растителното масло во февруари се искачи за 2% на 156 поени, што е 29,1% повеќе во однос на истиот месец минатата година. Ова зголемување е резултат на повисоките цени на палминото, соиното, сончогледовото и маслото од репка.
Житариците пораснаа за 0,7% на 112,6 поени, поттикнати од зголемувањето на цените на пченицата и пченката, но на годишно ниво тие се намалени за 1,2%.
Цените на месото бележат минимален пад од 0,1% на 118 поени, иако остануваат 4,8% повисоки во споредба со истиот месец минатата година.
Вкупниот индекс на цените на храната на годишно ниво е повисок за 8,2%, но останува 20,7% под врвот од март 2022 година, наведува ФАО.