Последните недели германските медиуми се преплавени со сензационални наслови за наводна „екстремна зима“ што ја очекува земјата. Социјалните мрежи се полни со предупредувања за снег до колена, замрзнати реки и „поларен студ без преседан“. Но, дали навистина има основа за ваквите прогнози – или станува збор само за уште една интернет-спекулација?
Шокантни прогнози – за повеќе кликови
Ваквите драматични најави не се новост. Секоја сезона носи нова „катастрофална прогноза“ – минатата пролет се зборуваше за „пеколно лето 2025“, а сега темата е „зима на векот 2025/26“. Причината, велат експертите, е јасна: сензационалните текстови носат повеќе кликови, а со тоа и повеќе приходи.
„Кај таканареченото кликбејтинг новинарство, често се занемарува одговорноста за точност на информациите“, вели Лотар Бок од Германската метеоролошка служба (DWD) во Минхен. „Ние, како државна институција, не би објавиле нешто такво.“
Поларниот вртлог – причина за шпекулациите
Поттик за овие тврдења е напис кој ја поврзува можна слабост на поларниот вртлог со екстремни студови во Европа. Кога поларниот вртлог е слаб, студениот воздух полесно „се излева“ од Арктикот кон јужните региони. Но, тоа не значи дека Германија неизбежно ќе биде погодена, објаснува Бок.
Метеорологот Мартин Гуд од АРД додава дека не постои докажана врска меѓу слаб поларен вртлог и екстремно студени зими во Германија. „Во последните години, токму слабите вртлози беа придружени со потопли арктички услови“, вели тој.
Долгорочни прогнози – моментално невозможни
Стручњаците се едногласни: точна прогноза за зимата 2025/26 е невозможна во овој момент. Временските модели зависат од низа фактори – океански температури, струи, атмосферски движења – и не дозволуваат предвидувања толку далеку однапред.
„Во најдобар случај, неколку дена пред зимата можеме да процениме какви се трендовите“, објаснува Карстен Шванке, познат германски метеоролог. „Сè што се зборува сега е чиста шпекулација.“
Според Бок, временските услови можат релативно точно да се предвидат до три дена, а во стабилни ситуации – најмногу до десет. „Иако прогнозите денес се многу попрецизни отколку пред 50 години, сè уште не можеме сигурно да знаеме што нè очекува по два или три месеци“, додава тој.
„Зима на векот“ – малку веројатно сценарио
Според статистиката, „зима на векот“ се случува еднаш во сто години. Таква, на пример, беше зимата 1962/63, најстудената во 20 век во Германија, кога голем дел од реките и езерата замрзнаа, а земјата се соочи со сериозни проблеми со снабдување и греење.
Метеоролозите, сепак, сметаат дека веројатноста за повторување на таков екстремен сценарио е многу мала.
Со други зборови – Германија засега нема причина за паника. Наместо за „зима на векот“, експертите советуваат јавноста да се подготви за вообичаена европска зима со можни студени бранови, но без катастрофални екстреми.