Норвешката полиција ја истражува експлозијата што се случи пред зградата на американската амбасада во Осло, а една од можностите што се разгледува е дека станува збор за терористички чин, соопштија денес норвешките власти.
Како што изјави претставникот на Норвешката безбедносна служба (PST), Бјорн Вили Волд, сторителот сè уште не е идентификуван или лоциран, пренесува норвешкиот телевизиски канал NRK.
Претставникот на полицијата во Осло, Фроде Ларсен, на прес-конференција изјави дека властите во моментов разгледуваат неколку можни сценарија.
„Една од хипотезите е дека станува збор за терористички чин, но не сме се ограничиле на таа можност и ја продолжуваме истрагата во неколку насоки“, рече Ларсен.
По инцидентот, безбедноста беше зголемена околу американската амбасада, како и други објекти поврзани со американски, израелски и еврејски институции во Осло.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стере оцени дека станува збор за сериозен инцидент и истакна дека властите тесно соработуваат со полицијата и безбедносните служби.
Властите објавија дека моменталната закана од тероризам во Норвешка останува на „умерено“ ниво и дека нема индикации дека постои непосредна опасност за граѓаните.
Според полицијата, експлозивната направа била фрлена во текот на ноќта кон конзуларниот дел од амбасадата, која се наоѓа во западниот дел од градот.
Полицијата не пронашла други експлозивни направи во областа.
Во експлозијата нема повредени, но е предизвикана мала материјална штета, вклучувајќи скршени прозорци на влезната врата.
Полицијата започна обемна истрага и го пребара подрачјето преку ноќ со помош на хеликоптери, беспилотни летала и полициски кучиња, но досега не се извршени апсења и не се именувани осомничени.