Европската унија во 2024 година со рекорден извоз на земјоделски производи, кои се главните пазари?

Европската унија продолжува да го зацврстува својот статус на водечки глобален извозник на земјоделски и прехранбени производи. Според најновите податоци објавени од Европскиот завод за статистика – Евростат, во 2024 година ЕУ остварила извоз на земјоделски производи во вредност од 234,1 милијарди евра, што претставува раст од 2,8% во однос на претходната година. Увозот, пак, изнесувал 194,9 милијарди евра, што е за 6,7% повеќе во споредба со 2023 година.

Разликата меѓу извозот и увозот донела позитивен трговски биланс од 39,2 милијарди евра – што претставува рекорден суфицит во земјоделскиот сектор на Европската унија.

Декада на раст: трговијата со земјоделски производи во подем
Во периодот од 2014 до 2024 година, трговијата со земјоделски производи на ниво на Европската унија бележи континуиран раст. Во тие десет години:

Извозот пораснал за 58%,

Увозот пораснал за 60,2%,

Што е еквивалентно на просечен годишен раст од 4,7% за извозот и 4,8% за увозот.

Овој тренд ја потврдува стратешката важност на аграрниот сектор како еден од двигателите на економскиот развој и стабилност во ЕУ.

Најголеми пазари за извоз од ЕУ во 2024 година:
Велика Британија – 54 милијарди евра (23% од вкупниот извоз),

САД – 30,1 милијарда евра (12,8%),

Швајцарија – 12,6 милијарди евра (5,4%),

Кина – 12,3 милијарди евра (5,3%).

Овие земји се водечки дестинации за европските земјоделски и прехранбени производи, при што се извезуваат производи како млечни производи, житарки, вино, месо и преработена храна.

Главни земји од кои ЕУ увезува земјоделски производи:
Бразил – 17,1 милијарда евра (8,8%),

Обединетото Кралство – 16,6 милијарди евра (8,5%),

Украина – 13,1 милијарда евра (6,7%),

САД – 12 милијарди евра (6,1%).

Увозот се состои главно од кафе, какао, тропско овошје, соја, маслодајни култури и житарици, како и суровини за прехранбената индустрија.

Земјоделскиот и прехранбениот сектор на ЕУ останува еден од најстабилните и најконкурентните на глобалниот пазар. Растот на извозот, заедно со внимателно балансираниот увоз, овозможува силна позиција на ЕУ како глобален играч во снабдување со храна и суровини.

И покрај предизвиците како климатски промени, геополитички тензии и растечки трошоци за производство, европскиот агроекономски модел покажува отпорност и капацитет за адаптација и иновации.

Зачлени се на нашиот е-билтен