Флотилата за Газа со Грета Тунберг се врати во Барселона поради лошо време

Принтскрин од видео на Топ Ченел, Албанија
Принтскрин од видео на Топ Ченел, Албанија

Хуманитарната мисија „Global Sumud Flotilla“, составена од околу 20 бродови кои носат тони храна, лекови и друга помош за Газа, мораше да се врати назад во шпанското пристаниште Барселона само неколку часа по испловувањето поради опасни временски услови. Меѓу учесниците во оваа мисија се наоѓа и познатата шведска климатска активистка Грета Тунберг.

Флотилата исплови во неделата (31 август), но силните ветрови и влошувањето на временските услови ги натераа организаторите да го прекинат патувањето и да се вратат во пристаништето.

„Заради небезбедни временски услови, направивме пробно пловење и потоа се вративме назад за да ја почекаме бурата да помине. Ова значи одложување на нашето заминување, со цел да се избегнат ризици, особено за помалите бродови“, соопшти организацијата, пренесува Daily Mail.

Во соопштението се наведува дека флотилата се соочила со ветрови над 30 јазли, а безбедноста на учесниците била приоритет.

Меѓу бродовите кои беа принудени да се вратат се и оние на кои патувале градоначалничката на Барселона Ада Колау, советникот Жорди Коронос, како и Грета Тунберг.

Капетаните на бродовите треба да се состанат повторно денес за да одлучат дали условите ќе дозволат да продолжат со патувањето подоцна во текот на денот.

Ова е втор обид на флотилата да стигне до Газа. Првиот, во јуни, беше спречен од израелските сили.

Во меѓувреме, израелскиот министер за одбрана, Итамар Бен-Гвир, најави дека ќе побара од премиерот Бенјамин Нетанјаху учесниците во флотилата да бидат уапсени и третирани како терористи.

Зачлени се на нашиот е-билтен