Односите меѓу Германија и Франција се далеку од хармонични поради нарушеното партнерство меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, а длабок јаз постои и во односите со источниот сосед Полска, оценува берлинскиот портал table.media.
Според порталот, кон крајот на годинава меѓу Мерц и Макрон има многу повеќе несогласувања отколку точки на согласност, „иако и германскиот канцелар и францускиот претседател се страсни Европејци“.
Како клучни примери за разидувањата се наведуваат договорот за слободна трговија со земјите од Латинска Америка – Меркосур, финансирањето на Украина, ставот околу евентуални разговори со рускиот претседател Владимир Путин, како и заедничкиот проект за Борбениот воздушен систем на иднината (FCAS).
Во моментов, пишува table.media, меѓу Париз и Берлин преовладува ривалство, а не хармонија. Претходно, добрите односи меѓу двете водечки земји често придонесувале за смирување на несогласувањата и меѓу другите членки на Европска унија.

Мерц, според анализата, во последно време се обидува да ѝ обезбеди на Германија водечка улога во меѓународните односи, но Макрон му се спротивставува, сметајќи дека таа позиција ѝ припаѓа на Франција. Во исто време, францускиот претседател е ограничен од внатрешнополитички проблеми, што му ги врзува рацете и за многу помали прашања од оние на војна и мир.
Германскиот портал оценува дека ситуацијата меѓу двете земји веројатно нема да се подобри ниту во новата година, туку може дополнително да се комплицира, имајќи предвид дека претседателските избори во Франција треба да се одржат најдоцна до пролетта 2027 година.
Кога станува збор за Полска, постои јаз што не успева да го надмине ни личното пријателство и заемното почитување меѓу Мерц и полскиот премиер Доналд Туск, пишува table.media. Двајцата во голема мера се согласуваат за стратешки прашања, помош за Украина со замрзнати руски средства во ЕУ, јакнење на источниот крилo на НАТО и подобрување на сообраќајните врски меѓу Германија и Полска.
Сепак, во Полска големо негодување предизвикаа граничните контроли што кон источниот сосед ги воведе германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт, по што Варшава возврати со реципрочни мерки.
Дополнителен товар за односите претставува и континуираната дебата во Полска за воените репарации што, според дел од политичките актери, треба да ги плати Берлин. Новиот национално-популистички претседател Карол Навроцки, според порталот, настојува да ја опструира политиката на Туск и дома и во странство.
Туск лично не е наклонет кон барањето на опозициската партија Право и правда (ПиС) Германија да плати 1.500 милијарди евра отштета за злосторствата на нацистите во Втората светска војна, но во исто време не смее да остави впечаток на попустливост кон Берлин, заклучува table.media.