Елитниот универзитет Харвард, според американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем, „ја загуби привилегијата“ за прием на студенти од странство. Ноем тоа, меѓу другото, го образлага со „одбивањето“ на Харвард да создаде безбедна средина за еврејските студенти и со „расистичките“ политики на универзитетот за еднаквост и различност.
Харвард ги нарече постапките на владата „спротивни на законот“ и зборува за „одмазда“. Универзитетот, како што се вели, мора и натаму да има можност да прифаќа интернационални студенти и истражувачи. Тие доаѓаат од повеќе од 140 земји од светот и го збогатуваат универзитетот и земјата „неизмерно“.
Во позадината на ваквата одлука на владата на САД е горчлив спор меѓу претседателот Доналд Трамп и елитниот универзитет. Трамп го опиша универзитетот како „антисемитска, левичарско екстремна институција“ и го обвини Харвард за толерирање на пропалестински протести на кампусот. Затоа неговата администрација веќе ги намали грантовите за Харвард во вкупен износ од 2,2 милијарди долари (1,9 милијарди евра). Универзитетот поради тоа ја тужи владата.
Администрацијата на Трамп ги оправдува своите постапки со наводно погрешна „идеологија“ на универзитетот и антисемитизам на кампусот. Обвинението првенствено се однесува на пропалестинските демонстрации на американските универзитети, како што се Харвард и Универзитетот Колумбија од почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година.
За разлика од повеќето американски универзитети, Харвард се спротивстави на барањата на владата, меѓу кои и затворање на одделенијата за различност и помагање на службениците за имиграција во проверката на студентите. Претседателот на универзитетот, Алан Гарбер, кон средината на април изјави дека институцијата „не преговара за својата независност или за своите уставни права“.
Поранешниот американски претседател и дипломец на Харвард, Барак Обама, остро ги критикуваше постапките на Трамп. Тој зборува за „нелегален и несмасен обид за потиснување на академската слобода“.
Не е сосема јасно што ќе се случува со странските студенти кои веќе се запишани на Харвард. Министерката за внатрешна безбедност Ноем соопшти дека тие мора „да променат“ (универзитет, н.з.) или ќе го „загубат својот правен статус“ (право на престој, н.з.).