Сите седум лица што се наоѓале во хеликоптерот, меѓу кои и аџии и пилотот, загинаа утрово при пад на леталото во индиската држава Утаракханд, соопштија официјалните лица.
Хеликоптерот, во сопственост на приватната компанија „Аријан Авиејшн“, летал од светото место Кедарнат кон Гупткаши, релација која вообичаено трае околу 10 минути. Несреќата се случила само неколку минути по полетувањето, околу 5:30 часот по локално време, во шумска област близу рутата за аџилак.
Се смета дека до падот дошло поради лошите временски услови.
Кедарнат, сместен високо во Хималаите, е едно од четирите најсвети хиндуистички светилишта и секое лето привлекува илјадници аџии. Мнозинството од нив користат хеликоптерски услуги поради непристапниот и стрмен терен.
Жртвите, покрај пилотот, се верници од индиските држави Утар Прадеш, Махараштра и Гуџарат. По падот, хеликоптерот се запалил, а телата на патниците биле пронајдени изгорени.
Оваа трагедија се случува само три дена по друга голема несреќа во Индија — падот на авион на „Ер Индија“ во државата Гуџарат, во кој загинаа 241 лице од авионот и најмалку 29 лица на земја. Несреќата ја преживеал само еден патник.