Позицијата на Италија може да се покаже како клучна за иднината на трговскиот договор меѓу Европската унија и земјите од Меркосур, додека Рим сè уште не се изјаснува јавно дали ќе го поддржи или блокира договорот. Молкот на Италија, според дипломатски извори, станува сè погласен и потенцијално одлучувачки.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, планира на 20 декември да отпатува во Бразил за да го финализира договорот, но Франција, под притисок од незадоволните земјоделци кои стравуваат од нелојална конкуренција од Латинска Америка, се спротивставува и бара одложување на гласањето на земјите членки, закажано за оваа недела.
Договорот со Меркосур, Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругваj, има за цел создавање слободна трговска зона за околу 700 милиони луѓе од двете страни на Атлантикот. За негово усвојување е потребно квалификувано мнозинство во ЕУ, додека блокирачко малцинство од најмалку четири земји што претставуваат 35 проценти од населението на Унијата би можело да ја спречи ратификацијата.
Во моментов, Франција, Унгарија, Полска и Австрија се против договорот. Белгија најави воздржаност, додека Ирска и Холандија, иако претходно беа критични, сè уште официјално не се изјасниле. Токму затоа, Италија се најде во центарот на вниманието.
Еден дипломат изјави за „Еуроњуз“ дека Рим се чувствува изложено, но дека тоа може да биде и предност доколку успее да извлече отстапки. Италијанскиот министер за земјоделство претходно побара гаранции за заштита на земјоделците, по што Европската комисија предложи заштитен механизам за следење на евентуални нарушувања на пазарот на ЕУ од увозот од Меркосур. За оваа мерка европратениците треба да гласаат во вторник на пленарната седница во Стразбур.
Сепак, најголемото италијанско земјоделско здружение, „Колдирети“, останува цврсто против договорот. „Активирањето на заштитната клаузула би траело предолго доколку европскиот пазар биде погоден од наплив на увоз од Меркосур“, изјави претставник на здружението.
Од друга страна, премиерката Џорџа Мелони се соочува со сложена рамнотежа меѓу интересите на земјоделците и индустрискиот лоби „Конфиндустрија“, особено ако се има предвид дека Италија е втор најголем извозник од ЕУ кон земјите од Меркосур. Ова неодамна го потврди и министерот за земјоделство Франческо Лолобриџида, кој изјави дека одредени индустриски сектори, како и дел од земјоделството, виното и сирењето, би имале „јасна и опиплива корист“ од договорот, додека други би можеле да бидат оштетени.
Токму поради овие спротивставени интереси Италија досега избегнува јасен став. Поддржувачите на договорот, пак, сè поинтензивно се обидуваат да ја придобијат Мелони, гледајќи во неа клуч за отворање нови пазари во време на растечки глобални трговски пречки и засилен протекционизам во САД и Кина.
Сепак, неизвесноста останува. Дипломатски извори наведуваат дека никој не сака да закаже гласање кое би можело да пропадне, а продолжениот молк на Италија сè повеќе ги вознемирува поддржувачите на договорот. Како што призна еден дипломат запознаен со процесот: „Тешко е и изгледа комплицирано“.