Израел ги зацврстува позициите во Газа: 65% од територијата под окупација или евакуација

Фото: Marius Arnesen, CC BY-SA 3.0 NO, via Wikimedia Commons

Израелските трупи продолжуваат со офанзивата во Газа, градејќи кули за набљудување и расчистувајќи терен на позиции што ги презедоа во последните денови. Според Обединетите нации, веќе се зафатени или под наредба за евакуација се две третини од енклавата.

Само во Рафа, над 140.000 луѓе се раселени во изминатите две недели. Израел постојано издава наредби за евакуација на жителите од јужниот, централниот и северниот дел, туркајќи ги Палестинците во сè помал простор опкружен со море и војска.

Во меѓувреме, медиумски шатор во болничкиот комплекс Насер во Кхан Јунис беше погоден од израелски воздушен напад во кој загина палестински новинар, а девет други беа повредени. Израелската војска тврди дека се работи за новинар кој воедно бил и припадник на Хамас. Видеа објавени на социјалните мрежи прикажуваат обид за спасување на новинарот кој бил зафатен од пламен. Овој инцидент се случува во услови кога израелската армија најавува создавање „безбедносна зона“ околу границите на Газа, но без јасна визија за долгорочната судбина на територијата.

Жителите сведочат за зголемено присуство на израелската војска која гради кули во Шеџаија и околу поранешната израелска населба Мораг меѓу Кхан Јунис и Рафах. „Тие ја презедоа ридината Ал-Мунтар каде што порано си игравме со децата. Сега можат да ја гаѓаат која било куќа во Шеџаија“, вели Закија Сами, 60-годишна мајка на шест деца од Газа. Организацијата „Breaking the Silence“ во свој извештај цитира војници кои сведочат за систематско рушење на згради и обработливо земјиште за да се создаде тампон-зона.

Палестинските жители стравуваат дека планот е трајна окупација. „Каде да одиме? Тоа е прашањето на повеќе од два милиони луѓе. Не притискаат од сите страни“, изјавува Тамер ал-Бураи, бизнисмен од Газа.

Израел вели дека војната ќе продолжи сè додека не се ослободат сите 59 преостанати заложници, додека Хамас бара траен прекин на огнот. Израелскиот напад започна по нападите на 7 октомври 2023, кога загинаа околу 1.200 луѓе и беа киднапирани 251. Оттогаш, над 50.000 Палестинци загинаа во израелската офанзива, според здравствените власти во Газа.

Зачлени се на нашиот е-билтен