Израел најави блокада на помошта за Газа поради Хамас, се огласи и Трамп

Израелските власти најавија дека граничниот премин Рафа кон појасот Газа ќе остане затворен и дека дотокот на хуманитарна помош ќе биде ограничен, откако Хамас не ги предал сите тела на убиените израелски заложници.

Трамп: „Фазата два започнува сега“

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по последните настани, велејќи дека „голем товар е тргнат од Блискиот Исток, но работата сè уште не е завршена“. На платформата Truth Social тој напиша:

„Телата на загинатите сè уште не се вратени, како што беше ветено. Фазата два започнува сега!“

Трамп ја објави изјавата помалку од 24 часа по враќањето од Блискиот Исток, каде што зборуваше во израелскиот парламент Кнесет и присуствуваше на мировниот самит за Газа во Египет, заедно со дваесетина светски лидери.

Првата фаза од неговиот мировен план се однесуваше на прекинот на огнот во Газа и враќањето на заложниците во Израел, додека втората фаза предвидува реконструкција на појасот Газа со цел да се обезбеди траен мир и стабилност.

ООН: Обете страни мора да го почитуваат договорот

Хуманитарниот координатор на Обединетите нации, Том Флечер, предупреди дека Израел мора да ги задржи граничните премини отворени за да се обезбеди „неопходна помош за цивилното население во Газа“.

„Хамас треба да ги врати телата, но и Израел мора да овозможи пристап за доставување помош. Не смееме да дозволиме овој договор да пропадне,“ изјави Флечер за BBC.

Хамас најави ново предавање на тела

Претставник на Хамас за Reuters изјави дека групата ќе предаде уште четири тела на убиени израелски заложници вечерва во 22 часот, по големиот притисок на Израел. Според истиот извор, телата на вкупно 28 лица се наоѓаат во Газа, а дел од нив, велат, тешко се лоцираат поради условите на конфликтот.

Затегнати односи и хуманитарна криза

Израелските опозициски политичари, меѓу кои Авигдор Либерман, побараа целосно затворање на сите премини кон Газа, сè додека Хамас не ги врати сите тела. Во меѓувреме, Ослободени се повеќе тела на палестински жртви, кои израелските власти ги предале на здравствените институции во Газа.

Меѓународните организации предупредуваат дека затворањето на преминот Рафа може да доведе до ново влошување на хуманитарната состојба, при што над 55.000 деца во Газа се соочуваат со тешка неухранетост, според Норвешкиот совет за бегалци.

Зачлени се на нашиот е-билтен