Израелската полиција синоќа го убила младиот Мухамед Еласиби (26) од бедуинското село Хура, на југот на Израел, затоа што, наводно, се обидел да украде оружје од полицаец во близина на комплексот на џамијата Ал Акса, се наведува во полициското соопштение.
Инцидентот во Стариот град во Ерусалим се случил кога полицијата го запрела младиот човек за проверка на документи.
Израелските медиуми го пренесуваат полициско соопштение дека тој го нападнал полицаецот, му ја грабнал пушката и успеал да испука еден истрел и дека потоа другите полицајци одговориле со пукање бидејќи се чувствувале загрозени.
Меѓутоа, очевидци за израелскиот сајт Унет изјавија дека Еласиби, кој неодамна завршил медицински студии во Романија, не претставувал никаква опасност, туку дека интервенирал бидејќи полицајците лошо се однесувале со една жена, на која се обидел да и помогне.
-Пукањето беше сосема непотребно, изјави неименуван очевидец, истакнувајќи дека жртвата не била вооружена.
На видеата објавени на социјалните мрежи може да се види дека силни полициски сили се распоредени во премините и пред портите кои водат кон џамијата Ал Акса, третата по важност во исламот, пренесуваат американските медиуми.
По убиството дошло до судири меѓу полицијата и палестинските продавачи и верници кои ноќта ја минале молејќи се во џамијата по повод светиот муслимански пост Рамазан.
Местото каде што се наоѓа џамијата Ал-Акса муслиманите го нарекуваат Свето светилиште (Харам ал-Шариф), а исто така е свето за Евреите затоа што некогаш биле сместени древни еврејски храмови.