Израелските напади во Газа убија најмалку 50 лица

Цивилната одбрана на Појасот Газа денес соопшти дека најмалку 50 лица загинале во израелското бомбардирање на територијата.

Претходно, новинар на агенцијата АП извести дека загинале најмалку 20 лица.

Шефот на Цивилната одбрана, Мохамед ал-Могаир, изјави за АФП дека бројот на жртви од израелските напади врз населбите во Газа изнесува најмалку 50, додавајќи дека операциите за пребарување низ урнатините продолжуваат.

Лекар во Индонезиската болница во Беит Лахија за АФП изјави дека во установата биле донесени 30 тела.

Претходно, новинар на АП изброил 20 тела донесени во истата болница, лоцирана во северниот дел на Појасот Газа, додека преживеаните тврделе дека под урнатините има уште многу луѓе.

Вршителот на должност директор на болницата „Ал Авда“ во Џабалија изјави за АФП дека неговата болница примила пет тела и повеќе од 75 ранети по нападите.

Нападите во северна Газа се случија во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши својата турнеја низ Блискиот Исток, која вклучуваше посети на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Израел не беше дел од неговата агенда.

Постоеше надеж дека посетата на Трамп ќе доведе до договор за прекин на огнот или продолжување на испораките на хуманитарна помош за Газа. Израелската блокада, која го спречува влегувањето на хуманитарна помош, влезе во својот трет месец. Израелската војска сè уште нема дадено официјален коментар за последните напади.

Нападите траеле неколку часа во текот на ноќта, а утрово жителите масовно бегаа од бегалскиот камп Џабалија и од градот Беит Лахија. Министерството за здравство на Газа соопшти дека во претходните денови, во слични напади загинале повеќе од 130 лица.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно оваа недела изјави дека ќе продолжи со најавената ескалација на силата во војната во Газа, со цел уништување на милитантната група Хамас, која управува со палестинската територија.

Тој во вторникот изјави дека израелските сили се само на неколку дена од влез во Газа со „огромна сила за да ја завршат мисијата“, што, според него, значи целосно уништување на Хамас.

АП пренесува дека не е јасно дали денешното бомбардирање претставува почеток на таа најавена операција.

Војната започна на 7 октомври 2023 година, кога милитантите на Хамас убија 1.200 лица во напад на јужен Израел. Израел потоа започна офанзива во Газа, во која, според Министерството за здравство на Газа, загинале повеќе од 53.000 Палестинци.

Според истото министерство, речиси 3.000 лица загинале во Газа откако Израел го прекина двомесечното примирје на 18 март.

Хамас сè уште држи 58 заложници.

На 7 октомври 2023 година, Хамас киднапираше околу 250 заложници. Се верува дека 23 од нив сè уште се живи, иако израелските власти изразија загриженост за судбината на тројца од нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен