Поранешниот шведски премиер и долгогодишен дипломат Карл Билт, на платформата Х се запраша дали може да се повтори она што се случило непосредно пред Втората светска војна.
„Дали одиме кон Минхен 2.0? Во 1938 година Обединетото Кралство и Франција ја принудија Чехословачка да ѝ отстапи клучна територија на Хитлер. Резултат? Во рок од неколку месеци Чехословачка престана да постои, а во рок од уште неколку месеци изби тотална војна во Европа“, напиша Билт.
Што е Минхенскиот договор?
Минхенскиот договор беше потпишан на 30 септември 1938 година од Германија, Италија, Велика Британија и Франција, без присуство на претставници од Чехословачка. Со него беше одлучено Чехословачка да ѝ ги предаде Судетите на Германија.
Британците и Французите го претставија тоа како победа за мирот, но всушност беше чин на отстапка пред Хитлер. Чехословачка ги изгуби природните одбранбени граници и голем дел од воената индустрија, што ја ослабна воено и политички.
Хитлер не застана тука — во март 1939 година го окупираше остатокот од Чешка, а Словачка стана номинално независна, но фактички сателит на Германија.
Зеленски ги отфрла територијалните отстапки
Билт се прашува дали слично сценарио може да се повтори и со Украина. Потсетуваме, вчера „Блумберг“ објави дека САД и Русија настојуваат да постигнат договор за прекин на војната во Украина, со кој би се зацементирала окупацијата на териториите што Москва ги зазеде за време на воената инвазија.
„Волстрит Џурнал“, повикувајќи се на европски и украински функционери, пишува дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ја запре војната ако ја добие источна Украина.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги отфрли територијалните отстапки како услов за завршување на војната со Русија, повикувајќи се на уставот на земјата. „Украинците нема да му ја подаруваат својата земја на окупаторот. Одговорот на украинското територијално прашање веќе се наоѓа во уставот на Украина. Никој нема да отстапи од тоа“, порача Зеленски.