Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе забрана за влез во Соединетите Американски Држави за пет европски регулатори и истражувачи кои работат на борба против дезинформации и злоупотреби на интернет, потег што предизвика остри реакции и критики од европските институции и лидери.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја обвини оваа група дека водела „кампања на цензура“ против американските граѓани. Забраната за влез се однесува на четири активни регулатори и истражувачи, како и на поранешниот висок функционер на Европската комисија, Французинот Тири Бретон, кои Рубио ги опиша како „радикални активисти што ја поткопуваат слободата на говор“.

Според американската администрација, тие предводеле напори за „принудување на американските платформи да казнуваат ставови со кои не се согласуваат“, при што беше најавено дека санкциите би можеле да бидат проширени и кон други европски политичари и функционери.

На списокот се наоѓаат Жозефин Балон и Ана-Лена фон Ходенберг, раководителки на германската организација HateAid, која обезбедува правна помош за жртви на онлајн насилство.

Меѓу санкционираните се и Клер Мелфорд, која ја води британската група Global Disinformation Index, како и Имран Ахмед, директор на Center for Countering Digital Hate, организација која следи говор на омраза и дезинформации на социјалните мрежи.
Францускиот претседател Емануел остро ја осуди одлуката на Вашингтон, оценувајќи дека таа претставува „застрашување и притисок со цел поткопување на европскиот дигитален суверенитет“. Тој порача дека правилата за дигиталниот простор на Европската унија не смеат да се диктираат надвор од Европа.

Портпаролот на Европската комисија Томас Регниер истакна дека европските дигитални правила обезбедуваат „безбеден, праведен и рамноправен пазар“, применувани фер и без дискриминација.
Забраната за патување се смета за сериозна ескалација на спорот меѓу администрацијата на Трамп и Европската унија околу регулирањето на онлајн содржините. Додека во САД доминира широкото толкување на слободата на говор, во ЕУ и Обединетото Кралство постојат законски ограничувања за говор на омраза.
Европската унија во 2022 година го усвои Акт за дигитални услуги, со кој од технолошките компании се бара поголема транспарентност и отстранување на расистичка, антисемитска и насилна содржина што ги крши националните закони.

Администрацијата на Трамп го гледа овој закон како обид за наметнување глобална цензура врз американските платформи, што европските претставници го отфрлаат. Тензиите дополнително се зголемија откако Европската комисија ја казни социјалната мрежа X, во сопственост на Илон Маск, со 140 милиони долари поради прекршување на Актот за дигитални услуги.
Жозефин Балон изјави дека добила електронска порака за поништување на визата и дека причината ја дознала дури подоцна преку медиумите. Германските власти застанаа во одбрана на HateAid, оценувајќи дека ваквите забрани се неприфатливи.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта порача дека одлуката на Вашингтон е „неприфатлива меѓу сојузници и партнери“ и нагласи дека Европската унија ќе продолжи цврсто да ја брани слободата на изразување и својот регулаторен суверенитет.