Лекарите во Англија започнаа петдневен штрајк среде силен бран на грип

Лекарите во Англија денеска започнаа петдневен штрајк поради незадоволство од платите и условите за работа, во време кога земјата се соочува со изразен бран на грип, а спорот со владата станува сè поостар.

Специјализантите наведуваат дека нивните плати значително се намалиле во изминатата деценија, поради што годинава веќе неколкупати стапиле во штрајк. Од друга страна, владата тврди дека државата не може да си дозволи поголемо зголемување на платите, а министерот за здравство Вес Стритинг ги оцени протестите како „самоволни, неодговорни и опасни“.

Штрајкот дополнително го зголеми притисокот врз здравствениот систем, кој и онака е преоптоварен. Англискиот здравствен систем минатата недела предупреди дека болниците се соочуваат со „најлошото можно сценарио“ поради ширењето на грипот.

Џек Флечер од Британското медицинско здружение (BMA), кое ги претставува специјализантите, изјави дека лекарите протестираат бидејќи квалификувани медицински кадри не можат да обезбедат соодветни работни места и плати.

„Мора да ги цениме лекарите во оваа земја“, порача Флечер на протестот пред болницата „Свети Тома“ во Лондон, додавајќи дека минатата година повеќе лекари ја напуштиле професијата отколку во кој било момент во последните десет години.

BMA бара зголемување на платите од 29 проценти оваа година, со цел тие реално да се вратат на нивото од 2008 година. Лабуристичката влада, која беше избрана минатата година, претходно прифати зголемување на платите за 22 проценти за да го реши спорот започнат за време на претходната конзервативна влада. Сепак, конфликтот повторно се заостри по новото покачување од 5,4 проценти оваа година.

Јавната поддршка за штрајкот е релативно ниска. Според анкета на „ЈуГов“ спроведена на 12 декември, 58 проценти од испитаниците изразиле делумно или силно противење на штрајкот.

Поради штрајкот, во Англија на работа ќе има помал број лекари од вообичаено, па приоритет ќе се дава на спасување животи, додека дел од медицинските термини ќе бидат одложени.

Хоспитализациите поради грип на почетокот на декември пораснаа за повеќе од 50 проценти, достигнувајќи просек од 2.660 пациенти дневно, што е највисоко ниво досега за овој период од годината. Според стручњаците, врвот на епидемијата сè уште не е достигнат.

Зачлени се на нашиот е-билтен