Велика Британија ѝ предлага на Европската Унија ново стратешко партнерство со цел зајакнување на трговијата и претставување обединет европски фронт во услови кога американскиот претседател Доналд Трамп се заканува со раскинување на децениската трансатлантска соработка, пренесуваат британските медиуми, а јавува Танјуг.
Во нацрт-декларацијата што ја подготвуваат Лондон и Брисел во пресрет на закажаниот самит меѓу Обединетото Кралство и ЕУ на 19 мај, се нагласува заемното разбирање за серија заеднички интереси, пишува Guardian.
Според медиумите, амбасадорите на ЕУ ќе се состанат во среда во Брисел за брифинг од официјални претставници кои последните неколку месеци работеле на дефинирање на области каде би можел да се постигне договор во текот на наредната година.
На врвот на приоритетите се наоѓа предложениот одбранбен и безбедносен пакт, кој предвидува поблиска соработка околу Украина, како и заеднички пристап кон прашањето на миграциите — тема која е актуелна од двете страни на Ламанш.
Нацрт-декларацијата е замислена како основа за идната политичка декларација и рамка за разговори по низа прашања. Во неа стои:
„Ги потврдуваме нашите заеднички принципи за одржување на глобалната економска стабилност и нашата меѓусебна посветеност на слободната и отворена трговија“.
Се додава дека двете страни ќе продолжат да работат заеднички на ублажување на ефектите од промените во глобалниот економски поредок.
Самитот се одржува во време кога Обединетото Кралство сè уште води преговори со САД за нови царински договори, надевајќи се на посебен билатерален трговски договор. Во моментов, Велика Британија се соочува со американски увозни царини од 10 отсто, додека Европската Унија со царини од 20 отсто.
И покрај разликите во трговските односи со Вашингтон, Лондон и Брисел очигледно се обидуваат да пронајдат заеднички јазик и да изградат нов модел на партнерство, особено во услови на зголемена нестабилност на меѓународната сцена.