Холандскиот премиер Марк Руте синоќа го извести американскиот претседател Џо Бајден дека Холандија ќе и го испрати на Украина ракетниот систем „Патриот“.
Холандија ќе им се придружи на САД и Германија во испраќањето на системот за противракетна одбрана „Патриот“ во Украина, истакна Руте на средбата со Џо Бајден во Белата куќа.
Мислам дека е важно да се приклучиме и разговарав за ова со германскиот канцелар Олаф Шолц утрово, рече Руте.
Бајден му се заблагодари на Руте што е „многу, многу посветен“ на поддршката за Украина.
Руте информираше дека Холандија одлучила да потроши дополнителни 2,5 милијарди евра за поддршка на Украина, што претходно го најави владата.
Бајден и Руте треба да разговараат за понатамошна поддршка за Украина, „како и за понатамошна соработка во областите на одбраната, безбедноста и зајакнувањето на билатералните трговски односи“, беше истакнато во соопштението на холандската Влада.