Масовен руски напад врз Украина: експлозии низ целата земја, меѓу загинатите и дете

Русија во текот на ноќта изврши масовен напад со дронови и ракети низ Украина, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според неговите зборови, во нападите биле употребени повеќе од 600 беспилотни летала и над 30 проектили. Најмалку три лица загинале, меѓу кои и четиригодишно дете, јавува Би-Би-Си.

Зеленски изјави дека ударите биле насочени кон енергетскиот систем, цивилната инфраструктура и, како што рече, „во суштина целата инфраструктура на секојдневниот живот“. Воздушните тревоги и натаму се активни во поголемиот дел од земјата, а сите итни служби се ангажирани во санирање на последиците.

„Нападите непосредно пред Божиќ, кога луѓето едноставно сакаат да бидат со своите семејства, дома и на безбедно, испраќаат исклучително јасна порака за руските приоритети“, изјави Зеленски. „Путин и натаму не разбира дека мора да престане со убивањето. Тоа значи дека светот не врши доволен притисок врз Русија.“

Според украинските власти, четиригодишното дете загинало во Житомирската област, каде што по рускиот воздушен напад било пренесено во болница, но лекарите не успеале да му го спасат животот. Уште пет лица се повредени, соопшти шефот на регионалната управа Виталиј Бунечко.

Претходно беше потврдено дека 76-годишна жена загинала во Киевската област, во близина на Вишхород, откако проектил погодил куќа, додека три лица, меѓу кои и 16-годишник, се повредени. Во Хмелницки, на западот на земјата, загинал 72-годишен маж, а пријавени се и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Украинскиот оператор на електроенергетската мрежа „Укренерго“ соопшти дека во повеќе региони се воведени итни рестрикции на струја. Министерството за енергетика најави дека работите за обнова на снабдувањето ќе започнат штом безбедносната состојба го дозволи тоа. Прекините на струја доаѓаат во момент кога температурите се приближуваат до нулата, а во Киев во наредните денови се очекуваат и минусни температури.

Нападите предизвикаа реакции и во соседството. Полска ги подигна борбените авиони и ги стави системите за противвоздушна одбрана во состојба на готовност за да го заштити својот воздушен простор, што Варшава редовно го прави за време на големи руски напади врз Украина.

Зеленски претходно предупреди дека на Русија ѝ е „во природа“ да изведува големи напади за време на божиќните празници, особено на 23, 24 и 25 декември. Минатата година Русија на Божиќ изврши силен ракетен и дронски напад врз украинската енергетска инфраструктура, што Зеленски тогаш го опиша како „свесен избор“.

До 2023 година Украина Божиќ го славеше на 7 јануари според јулијанскиот календар, кој го користи и Русија, но од минатата година Божиќ во земјата се одбележува на 25 декември.

Зачлени се на нашиот е-билтен