Маж во Германија ја убил сопругата, па се самоповредил

Во германскиот град Гелзенкирхен, во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, убиена е 30-годишна жена, мајка на четири деца, откако, според првичните сознанија, била нападната од сопругот, кој потоа се самоповредил, јавуваат германските медиуми.

Инцидентот се случил околу 1:30 часот по полноќ, кога вознемирена жена од куќата ја повикала полицијата и пријавила дека нејзиниот сопруг сака да се самоубие и дека веќе се повредил. „Ве молам, дојдете брзо“, порачала таа. По повикот, на адресата биле испратени повеќе полициски патроли и екипи на Итната медицинска помош, а набргу пристигнале и дополнителни пријави за гласни крици што се слушале од куќата.

Првите полицајци пристигнале само две минути по повикот и во домот ја затекнале жената, целосно покриена со крв. Кратко потоа, бил пронајден и сопругот, исто така во крвава состојба, за кого постои сомневање дека сам си нанел убодни рани.

И покрај брзата реакција на службите за итна помош, за 30-годишната жена немало спас, таа им подлегнала на тешките повреди. Нејзиниот сопруг, 36-годишен маж со турско потекло, бил итно опериран и во моментов се наоѓа на оддел за интензивна нега.

Четирите малолетни деца на двојката, на возраст од три до 11 години, во моментот на настанот спиеле во своите соби. По трагедијата, тие се згрижени од социјалните служби.

Истрагата за убиството ја презела специјализирана полициска единица, која засега тргнува од претпоставката дека мажот најпрво ја нападнал сопругата, а потоа се самоповредил. Мотивот за злосторството засега е непознат.

Соседите ја опишуваат семејството како мирно и пријателски настроено. Тие се преселиле во куќата пред околу една и пол година и, според локалните жители, немало индикации за семејни проблеми. „Финансиски беа добро ситуирани, децата секогаш си играа весело во дворот. Сè е толку неразбирливо, особено сега, пред Божиќ. Најмногу ми е жал за децата“, изјавила нивна соседка за медиумите.

Зачлени се на нашиот е-билтен