Најмалку 57 лица, од кои повеќето деца, починале од неисхранетост во Појасот Газа од почетокот на израелската офанзива на 7 октомври 2023 година, изјави денеска Марван ал-Хамс, директор на теренските болници во регионот.
„Секојдневно се зголемува бројот на починати поради глад и недостаток на медицинска грижа, додека здравствениот систем е пред целосен колапс“, предупреди Ал-Хамс.
Тој посочи дека сè поголем број жители страдаат од анемија и други последици од недоволната исхрана. Дури и дарителите на крв, рече, покажуваат симптоми на тешка исцрпеност, што дополнително ја отежнува работата на службите за итна медицинска помош.
Според него, хронично болните – вклучувајќи пациенти со рак и заболувања на бубрезите – „умираат тивко“, без можност за третман или пристап до лекови. Денес, само неколку теренски болници функционираат, и тоа благодарение на посветени волонтери.
Паралелно, медиумската канцеларија на Хамас ја обвини израелската армија дека намерно го користи гладот како алатка за притисок врз цивилното население.
Израел го запре влезот на хуманитарна помош и стоки во Газа на 2 март, по истекот на првата фаза од договорот за прекин на огнот. Втората фаза сè уште не е активирана поради политички несогласувања меѓу двете страни.