Најмалку девет загинати и 32 лица повредени во експлозија во полициска станица во Кашмир

Инцидентот, според полицијата, бил резултат на несреќен случај. Експлозијата се случила во градот Сринагар доцна синоќа, додека тим форензички експерти и полицајци испитувале запленет експлозив, информираше директорот на полицијата.

Тој нагласи дека станува збор за несреќа и ја исклучи можноста за напад.

Меѓу загинатите најголем дел се полициски службеници и форензичари, а неколкумина од повредените се во критична состојба. Експлозијата предизвикала пожар во полициската станица и запалила повеќе службени возила.

Настанот доаѓа само неколку дена по експлозија на автомобил во Њу Делхи, која индиските власти ја опишаа како „гнасен терористички инцидент“ изведен од „антинародни сили“. Во таа експлозија загинаа најмалку осум лица.

Неколку часа пред експлозијата во Делхи, полицијата во Кашмир соопшти дека разбила милитантна ќелија, уапсила најмалку седум лица — меѓу кои и двајца лекари — и запленила значајна количина материјал за изработка на бомби во градот Фаридабад, во близина на индиската престолнина.

Запленетиот експлозив бил пренесен во Кашмир и чуван на отворено во рамки на полициската станица.

По инцидентот, индиските безбедносни служби спровеле серија рации во регионот, како дел од поширока истрага, сослушувајќи стотици лица и приведувајќи десетици.

Индја и Пакистан управуваат со различни делови од Кашмир, но двете држави ја сметаат целата територија за своја. Во индискиот дел на Кашмир од 1989 година активни се вооружени групи кои се борат против властите во Њу Делхи. Индиските власти тврдат дека тие се поддржани од Пакистан, кој ги отфрла обвиненијата.

Многу жители на Кашмир веруваат дека милитантите водат легитимна борба за слобода.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен