Нема мир без правда, нема Европа без Украина

Кога агресорот зборува за „мир“ додека неговите ракети сè уште паѓаат врз градови и убиваат цивили, светот има морална обврска да ги прочита ситните букви — и да ја види крвта со која е испишан.

ЏАБИР ДЕРАЛА
No Peace Without Justice, No Europe Without Ukraine
CIVIL Today

Планот во 28 точки меѓу САД и Русија за Украина за кој известуваат светските медиуми — изготвен зад затворени врати од пратениците на Доналд Трамп и кремаљскиот фиксер Кирил Дмитриев — не е, дами и господа, патоказ кон мир. Тоа е план за капитулација на Украина и долгорочен руски меч над европската безбедност. Всушност, тоа е почеток на поширока капитулација на самата Европа — и разурнувачки удар врз демократијата каква што ја знаеме.

Овој одвратен план би ја принудил Украина да се откаже од преостанатиот дел од Донбас — вклучително и градови кои Русија не успеа да ги освои ни со масовни убиства и терор. Тој би ја осакатил украинската одбрана со преполовување на вооружените сили и одземање на клучни видови оружје, особено ракетите со долг дострел. Планот оди дури и понатаму: протерување на сите странски трупи и забрана за присуство на НАТО, оставајќи ја Украина изолирана и изложена. И тука планот ја преминува најмрачната линија: обид да се избрише самата жртва преку наметнување културни концесии како што е службен статус на рускиот јазик и Руската православна црква — алатки преку кои Москва со децении се инфилтрира, поларизира и доминира.

За возврат, Украина и Европа добиваат магливи американски „безбедносни гаранции“ чии кредибилитет одамна е урнат по очигледното кршење на Меморандумот од Будимпешта преку руската брутална агресија.

Дури и само еден фрагмент од овој план да беше вистинит — би бил неприфатлив. Земен заедно, тој не е ништо помалку од обид да се наметне поразена иднина на земја која одбива да биде поразена — и да се воведе опасен нов безбедносен дис-ред низ Европа. Ова не е мир. Ова е кодификација на максималистичките воени цели на Путин под американско покровителство.

Едноставно е. Мирот не може да се договара без Украина!

Можеби најциничниот аспект од овој план не е само неговата содржина, туку неговиот формат: наводно, се крои главно меѓу Вашингтон и Москва, додека Украина и Европа се третирани како посматрачи на сопствената погребна поворка. Европските министри за надворешни работи го кажаа очигледното — секое решение што ги прекројува границите, го редефинира источниот фронт на НАТО или ја одредува идната европска безбедност мора да ја вклучи Украина и европските престолнини на масата. Но, вклученоста сама по себе не е доволна. Дури и кога се поканети, Европа мора да одговори на руските „планови“ и „предлози“ со цврсто и принципиелно — Не! Зашто единствениот прифатлив пат кон мир е запирање на војната и изведување на сторителите пред лицето на правдата.

Кој го нарекува ова дипломатија? Да се зборува за „завршување на војната во Европа“ без присуството на Украина и Европа е чист неоимперијален пазар во неговата најсурова форма.

Територијалниот интегритет не е монета за поткусурување!

Предложените отстапки го уриваат стожерниот принцип на меѓународното право. Присилување на Украина да се откаже од територии што Русија ги анектира нелегално и само делумно ги окупира — е обид за ретроактивна легализација на агресијата.

Ако овој принцип се прифати — нуклеарни држави смеат да водат агресивни војни, да окупираат соседни земји, да вршат злосторства, за потоа да разменат украдена земја за „кеш“, олеснување на санкции или гаранции на парче хартија — тогаш ниту една граница во Европа не е безбедна. Молдавија, Грузија, Балтичките земји и други делови од ЕУ би станале точки во преговори за „зони на влијание“.

Лекцијата од 20 век е едноставна: граници променети со сила повикуваат на примена на уште повеќе сила. Умилкувањето не ги спречува новите војни. Ги подготвува.

Па што имаме сега? Разоружување на жртвата, наградување на агресорот!?

Воените одредби на планот се особено опасни. Преполовување на украинската армија, забрана на ракети со долг дострел, повлекување на западната поддршка и забрана за идни меѓународни распореди би ја претвориле Украина во обезоружена тампон-зона — додека Русија го задржува својот воен апарат, пропаганда и нуклеарна уцена.

Ова нема никаква врска со создавање безбедност. Тоа само гарантира дека следната агресија ќе почне од уште поповолна позиција за Москва. Тоа е сè.

„Мир“ што ја разоружува жртвата, а го остава агресорот неказнет — не е мир. Тоа е менаџирана капитулација.

Будимпешта, повторно — само полошо.

Украинците веќе ја искусија трагедијата на лажните гаранции. Во 1994 година се откажаа од позицијата на трета најголема нуклеарна сила во светот во замена за гаранции за суверенитет и територијален интегритет. Тие гаранции се распаднаа во моментот кога руските тенкови ја преминаа границата и го окупираа Донбас и го анектираа Крим во 2014.

Да се понудат нови, уште помагливи американски „гаранции“ додека од Украина се бара да го легитимира руското крадење територии и да ја демонтира сопствената армија — тоа не е само наивно. Тоа е навредливо.

Не се обновува кредибилитетот на прекршени ветувања со барање жртвата да се откаже од уште повеќе.

Правдата за воените злосторства не е преговарачка ставка.

Зад секоја линија на картата стојат човечки животи. Независни истраги и Комисијата на ООН документираа тортура, егзекуции, сексуално насилство, системски спроведени исчезнувања на окупираните територии. И киднапирање на 20.000 украински деца.

Да се натера Украина да напушти уште милиони свои граѓани и да ги препушти на ваква реалност — без железни механизми за заштита и правда — значи тргување со човечки животи за дипломатско позирање и профит. И Нобелова награда за мир, можеби? Каков потсмев и газење врз масовните гробници!

Сериозно, секој вистински мир мора да ја признае целосната одговорност на Русија. Мора да гарантира неограничени истраги и судења за воени злосторства, вклучително и пред Меѓународниот кривичен суд. Мора да обезбеди право на враќање и репарации за земјата–жртва на агресија. Светот мора да спречи де факто амнестија за оние што ги наредија и ги овозможија злосторствата.

Мир без правда е само примирје со неказнивост за злосторниците.

Вистинскиот мир не може да се постигне со руските максималистички барања или Трамповите трансакциски инстинкти. Мора да тргне од принципи — едноставни, јасни, правни, етички:

  1. Целосно почитување на суверенитетот и меѓународно признатите граници на Украина — вклучително Крим и сите територии окупирани од 2014. Агресијата не смее да добие легитимитет.
  2. Безбедносна архитектура со Украина во неа, не околу неа — преку НАТО, ЕУ или издржливи меѓународни договори. Европската безбедност не смее да се темели на путинови илузии за доминација.
  3. Рамноправно учество на Украина и Европа во секоја фаза од процесот.
    Ништо за Украина — без Украина.
    Ништо за европската безбедност — без Европа.
  4. Правда и одговорност како основа за која не се преговара.
    Секој мировен процес мора да биде поврзан со меѓународното право, санкциските механизми и трајните гаранции против нова агресија.
  5. Јасна условеност кон Русија.
    Без олеснување на санкции или меѓународна реинтеграција сè додека Русија не ги повлече силите, да плати репарации и да докаже веродостојно усогласување со меѓународното право.

Европа веќе плати висока цена со енергетски шокови, воени трошоци и руски саботажи на нејзината територија. Не смее да прифати било какво решение што ќе го остави Кремљ со прстот на орозот.

Изборот пред нас…

Мора да гледаме трезвено. 28-точковиот план, или било кој план роден во кабинетот на воен злосторник, не е понуда за мир. Тоа е тест: може ли светот, под знамето „завршување на војната“, да биде убеден да прифати рамка што ги цементира руските придобивки, ја поткопува правдата, ја уништува Украина и ја изложува Европа на опасност?

Одговорот мора да биде јасно и одлучно — не.
Грабежници, убијци и силувачи не смеат да ги пишуваат сопствените пресуди.

Вистинскиот мир ќе бара тешки компромиси. Но, првиот што мора да отстапи е оној што започна агресивна војна, окупира туѓа земја и ги наполни украинските градови со масовни гробници — не земјата што го брани своето постоење.

Украина никогаш не побара светот да ја води нејзината војна. Украина ја води војната за светот. Сега е редот на светот барем да не ја продава нејзината иднина.

Европа и демократскиот свет немаат право да легитимираат агресија. Умор не е изговор.

Нема мир без правда. Нема безбедност без Украина.
Нема договори за Украина и Европа без Украина и Европа на масата.


ЦИВИЛ Медиа | Оригиналниот текст на англиски е објавен на CIVIL Today | Текстот е личен став на Авторот | CC BY 4.0 – слободно преземање, задолжителна атрибуција со линк

Зачлени се на нашиот е-билтен