Нетанјаху бара список на заложници пред почетокот на примирјето

Израелскиот премиер и нареди на војската да не започнува примирје додека не се објават имињата на заложниците, додека Хамас тврди дека доцнењето е поради „технички причини на терен“.

Предупредувањето од Бенјамин Нетанјаху дојде неколку часа по неговиот говор во кој изјави дека Израел го задржува правото да продолжи со војната во Газа.

Израелскиот премиер нареди примирјето кое требаше да започне во 8:30 часот по локално време (06:30 GMT) да биде одложено сè додека Хамас не го достави списокот на заложниците кои треба да бидат ослободени, соопшти неговиот кабинет.

„Премиерот им даде инструкции на ИДФ дека примирјето, кое требаше да започне во 8:30 часот, нема да започне додека Израел не го добие списокот на ослободените заложници што Хамас се обврза да го достави“, се вели во изјавата од кабинетот на Нетанјаху.

Во меѓувреме, Хамас задоцнувањето на доставата на списокот го оправда со „технички причини на терен“, но потврди дека останува посветен на договорот за примирје постигнат минатата недела.

Новинарката на „Ал Џазира“, Стефани Декер, известувајќи од Аман, изјави дека има „огромен меѓународен притисок“ врз двете страни, па е малку веројатно примирјето да не се одржи.

„Дали ќе има одложувања? Сигурна сум дека Катар ќе изврши силен притисок врз Хамас, ако имињата сè уште не се доставени, да го стори тоа што е можно поскоро“, изјави Декер.

Во првата фаза на примирјето, кое ќе трае 42 дена, треба да бидат ослободени 33 заложници од Газа, како и стотици палестински затвореници. Израелските сили ќе се повлечат во тампон-зона во Газа, што ќе овозможи многу раселени Палестинци да се вратат дома, а хуманитарната помош ќе се зголеми.

Ова е второ примирје во конфликтот, подолготрајно и посуштинско од еднонеделната пауза пред повеќе од една година, со потенцијал да доведе до трајно запирање на борбите.

Преговорите за втората, многу посложена фаза, треба да започнат за нешто повеќе од две недели, но остануваат многу отворени прашања, вклучувајќи го и ослободувањето на речиси 100 заложници кои остануваат во Газа.

Израелската влада го одобри примирјето во саботата за време на ретка седница за време на еврејскиот сабат, повеќе од два дена откако посредниците го објавија договорот.

Зачлени се на нашиот е-билтен