Нивото на водата околу браната Нова Какховка во јужна Украина, која беше разнесена во текот на ноќта, се зголеми за пет метри, а неколку острови се веќе целосно поплавени, јавуваат руските медиуми, повикувајќи се на локалните власти.
Засега, 22.000 луѓе кои живеат во 14 населени места во јужната украинска област Херсон се во опасност од поплави по експлозија на браната, изјави денеска прорускиот гувернер на регионот.
Проруски функционер во градот Нова Каховка рече дека жителите на околу 300 куќи биле евакуирани откако била пробиена блиската брана.
Градоначалникот Владимир Леонтев за руската државна телевизија изјави дека штетата на браната е резултат на низа украински удари.
Хидроцентралата Каховка е „целосно уништена“ и не може да се обнови по детонацијата во машинската просторија, соопшти денеска државната хидроцентрала на Украина.
Руската државна нуклеарна компанија Росатом објави дека нема закана за нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа на територијата окупирана од Русија, откако беше пробиена блиската брана.
Директорот на централата Запорожје, која Русија ја држи од март 2022 година, на Телеграм напиша дека нема ризик за безбедноста на објектот.
Браната висока 30 метри и долга 3,2 километри е изградена во 1956 година на реката Дњепар, како дел од хидроцентралата Какховка.
Содржи резервоар што го снабдува со вода полуостровот Крим, што Русија го анектираше во 2014 година, и нуклеарната централа Запорожје, што, исто така, е под руска контрола.
Украинската војска соопшти дека руските сили ја урнале браната, додека руски извори ја обвинуваат Украина