Низ Турција се отвораат огромни вртачи, научниците предупредуваат: ова е сериозен проблем

Низ цела Турција се појавуваат огромни вртачи, длабоки и по неколку десетици метри, а дел од јавноста во овој загрижувачки феномен гледа дури и исполнување на библиско пророштво. Во старозаветната Книга на Броевите се опишува како земјата се отвора и ги проголтува бунтовниците како форма на божја казна, што некои го поврзуваат со масовните уривања на тлото во Конијската рамнина, клучен регион во Турција за одгледување пченица. Многумина овој растечки феномен го толкуваат како знак дека „Бог се движи“, пишува Daily Mail.

Научно објаснување

Сепак, научниците нудат поинакво, рационално објаснување. Турската управа за катастрофи и вонредни состојби извести за дури 648 масивни вртачи во Конијската рамнина, кои главно се резултат на тешка суша и прекумерно црпење на подземните води. Истражувачи од Техничкиот универзитет во Конија само во текот на минатата година откриле повеќе од 20 нови вртачи, надоврзувајќи се на речиси 1.900 локации кои до 2021 година веќе биле мапирани како подрачја каде што тлото постепено тоне или почнува да се урива.

Додека пред 2000 година се појавувале само неколку вртачи во текот на една деценија, климатските промени и долготрајната суша се сметаат за главни виновници за нивниот драматичен пораст во последните 25 години. Денес годишно се бележат десетици огромни уривања, од кои некои се пошироки и од 30 метри.

Клучен фактор е падот на нивото на подземните води, што доведува до пресушување на бунари, оптоварување на екосистемите, намалување на земјоделските приноси и слегнување на тлото. Земјоделците, кои црпат сè повеќе вода за да ги спасат посевите како шеќерната репка и пченката, дополнително ја влошуваат состојбата. Според податоците на Земјиниот опсерваториум на НАСА, турските водни резервоари уште во 2021 година достигнале најниски нивоа во последните 15 години.

Заканата не е ограничена само на Турција

Научниците предупредуваат дека слични ризици може да се појават и во други делови од светот, вклучително и во делови од САД, Азија, Блискиот Исток, Медитеранот и Австралија, каде што опаѓачките нивоа на подземни води ги загрозуваат заедниците и екосистемите. Истите проблеми веќе се евидентирани и во САД, со значителен пад на подземните води во Големите рамнини, Централната долина и југоистокот на земјата.

Делови од Тексас, Флорида, Ново Мексико и Аризона би можеле да бидат погодени од големи вртачи доколку сушните услови се влошат, а црпењето на подземните води не биде строго контролирано. Според Американскиот монитор за суша, и области во државите Вашингтон, Орегон, Ајдахо, Јута, Колорадо и Вајоминг достигнале сериозно ниво на суша.

Научниците предупредуваат на „незапаметен ризик од суша во 21 век“ на југозападот и во Централните рамнини на САД, а повеќе студии во последната деценија прогнозираат „тешки и долготрајни сушни услови“ до 2100 година.

Конкретни примери од САД

Според Националниот систем Drought Monitor, најтешките услови во 2025 година се забележани долж границата меѓу САД и Мексико, во западен Тексас, каде е регистрирана категоријата „D4“ – најтешкиот степен на суша. Неколку други региони во северна Флорида, јужна Џорџија, Ново Мексико, Аризона, Колорадо и Јута во декември беа оценети како подрачја со тешка (D2) или екстремна суша (D3).

Последиците веќе се видливи на терен. Во округот Аптон во Тексас, околу напуштена нафтена бушотина од 1950-тите, се формирала масивна вртача широка околу 60 метри и длабока 12 метри. Во округот Кочис во југоисточна Аризона, слегнувањето на тлото поради црпење вода довело до појава на повеќекратни пукнатини и вртачи широки од 3 до 9 метри.

Во јужно Ново Мексико, во мај 2024 година, се отворила вртача длабока 9 метри во близина на куќи во градот Лас Крусес, проголтувајќи два автомобили и принудувајќи ги жителите на евакуација. Иако надлежните како клучен фактор ја наведоа нестабилноста на тлото поради сушите, државни ограничувања за црпење вода сè уште не се воведени.

За разлика од тоа, во Тексас повеќе од 100 јавни водоводни системи годинава воведоа рестрикции, откако новите правила го ограничија црпењето на подземните води за земјоделството и за градовите низ централниот дел на државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен