Аукциската куќа Сотби денес ја одложи аукцијата на предмети пронајдени заедно со остатоци од Буда, откако индиската влада се спротивстави на продажбата и побара нејзино итно запирање.
Предметите, кои вклучуваат речиси 1.800 вредни артефакти — меѓу кои има рубини, топази, сафири и златни фигурини — требаше денес да бидат понудени на аукција во Хонг Конг. Тие биле закопани во Утар Прадеш, во северна Индија, заедно со коските на Буда, и биле пронајдени во 1898 година.
Индиското Министерство за култура во вторникот соопшти дека испратило официјално предупредување до Сотби, барајќи веднаш да се прекине продажбата, обвинувајќи ја аукцијата за прекршување на „индиските закони, меѓународните норми и конвенциите на Обединетите нации“.
Во писмото упатено до аукциската куќа се наведува дека светите будистички мошти кои се нудат на продажба претставуваат неотуѓиво религиско и културно наследство на Индија, како и на глобалната будистичка заедница. Индиската влада бара моштите да ѝ бидат вратени и од Сотби и Крис Пепе — правнук на британскиот офицер Вилијам Пепе, кој ги ископал моштите — да се извини јавно.
Во случај да не се исполнат овие барања, индиската влада најави можност за покренување правна постапка и водење јавна кампања за разобличување на улогата на аукциската куќа во „овековечување на колонијалната неправда и соучесништво во неетичката продажба на религиозни реликвии“.
Сотби во денешното соопштение потврди дека аукцијата е одложена, додавајќи дека тоа е сторено со согласност на актуелните сопственици на предметите.
„Ова ќе овозможи водење дискусии меѓу засегнатите страни, и со нетрпение очекуваме да ги споделиме сите ажурирања кога ќе има потреба“, стои во соопштението.
Вилијам Пепе, кој ги ископал моштите, ги предал предметите на колонијалната администрација, додека коските на Буда биле предадени на кралот Рама V од Тајланд.
Петте реликвијарни урни, камениот ковчег и поголемиот дел од моштите биле испратени во Индискиот музеј во Калкута.
Само мал дел од пронајдените предмети останале во семејството Пепе, изјави Крис Пепе. Според него, Сотби му дозволил да задржи околу една петтина од артефактите.
Крис Пепе изјавил дека ги наследил предметите од пра-вујкото на неговиот братучед, а во 2013 година тие биле распределени меѓу него и уште двајца братучеди.
Претходно, тој изјавил дека семејството размислувало да ги донира моштите, но оти сите такви опции биле проблематични и дека аукцијата му изгледала како „најправеден начин за враќање на моштите на будистите“.