Обилни врнежи од дожд и поплави го погодија Појасот Газа, дополнително оштетувајќи веќе разурнати згради и шаторите во кои престојуваат внатрешно раселени Палестинци. Поради невремето, погодени се околу 55.000 семејства, предупредија агенциите на Обединетите нации (ОН) и други меѓународни хуманитарни организации.
Покрај поплавите, во делови од Појасот дува и силен ветер. Хуманитарната агенција на ОН (OCHA) соопшти дека во невремето, како последица на хипотермија и уривање на инфраструктурата, загинале 12 лица, пренесува весникот „Фајненшл тајмс“ (Financial Times).
Агенцијата предупреди дека „поплавите предизвикани од дождовите оставија илјадници луѓе изложени на сурови зимски услови и во ризик од понатамошно раселување“, додавајќи дека повеќе од 4.000 лица останале без засолниште.
Обединетите нации претходно оваа година проценија дека повеќе од 90 отсто од станбените објекти во Газа се оштетени или целосно уништени во војната со Израел.
Претставници на хуманитарните организации наведоа дека поплавите уништиле храна, облека, душеци и други основни предмети што раселените Палестинци ги носат со себе, при што голем број семејства „изгубиле сè што имале“.
Израелската воена служба КОГАТ, која го надгледува дотокот на помош во Појасот Газа, соопшти дека од почетокот на примирјето, кое стапи на сила на 10 октомври, во погодените подрачја биле доставени околу 310.000 шатори и неколку илјади камиони со ќебиња, облека и медицинска опрема. Хуманитарните организации, сепак, тврдат дека количината на помош е значително помала од онаа што ја наведуваат израелските власти.
Меѓународната невладина организација „Амнести интернешнл“ (Amnesty International) соопшти дека „разурнувањето предизвикано од поројните дождови е влошено од постојаните ограничувања на Израел за внесување материјали за поправка на виталната инфраструктура“.