Пакистан тестира нова ракета додека растат тензиите со Индија

Во време на ново заострување на односите меѓу Пакистан и Индија, пакистанската армија денеска објави дека успешно тестирала балистичка ракета со дострел од 450 километри. Станува збор за ракетниот систем „Абдали“, кој според властите, има напреден навигациски систем и можност за маневрирање.

„Целта на лансирањето е да се провери подготвеноста на војската и да се потврдат техничките карактеристики на ракетата“, стои во соопштението на армијата.

Тестот доаѓа во момент кога тензиите меѓу двете нуклеарно вооружени држави повторно се разгоруваат, откако дваесетина индиски туристи беа убиени во спорниот регион Кашмир – област што со децении е извор на судири и конфликти меѓу двете земји.

Како одговор, Индија денеска најави дека воведува целосна забрана за увоз на стоки од Пакистан или за производи кои транзитираат преку неговата територија. Забраната, според индиските власти, стапува на сила веднаш.

Пакистан, пак, реагираше со најава за возвратни мерки. Меѓу нив се најавува прекин на граничната трговија, затворање на воздушниот простор за индиски авиони и протерување на индиски дипломати.

Односите меѓу Индија и Пакистан редовно се заладуваат по инциденти во Кашмир, а секоја нова ескалација предизвикува загриженост во меѓународната заедница поради ризикот од поголем вооружен конфликт.

Зачлени се на нашиот е-билтен