Пакистанските власти затворија важен граничен премин со Авганистан кусо откако граничарите од двете страни денеска разменија оган.
Нема информации за жртви и не се знае зошто граничарите размениле оган, изјави официјален претставник во Торкам, град во провинцијата Хајбер Пахтунхва.
Пакистанските власти се во контакт со нивните авганистански колеги за да се смират тензиите.
Портпаролот на авганистанското Министерство за внатрешни работи Абдул Матин Кани потврди дека дошло до судир меѓу авганистанските и пакистанските сили. Тој рече дека официјални лица од двете страни се обидуваат да откријат што го предизвикало конфликтот и начините како да се спречат вакви инциденти во иднина.
Пакистанските власти соопштија дека десетици камиони чекаат од двете страни на границата за повторно отворање на преминот Торкам, витална економска артерија и трговски пат за земјите од Централна Азија кон Пакистан.
Пакистанските талибанци, познати како Тахрик-е-Талибан Пакистан, ги засилија нападите во последните месеци против пакистанските безбедносни сили. Тие се посебна, но сојузничка група на авганистанските талибанци.
Авганистанските талибанци ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, додека трупите на САД и НАТО хаотично се повлекуваа од земјата по 20 години војна.