Пораката на Орбан до Зеленски може да се чита и како порака кон Мицкоски: ЕУ ги одредува условите

Орбан

Виктор Орбан предупреди дека членството на Украина во сегашните околности би значело „отворена објава на војна“ против Унгарија и би ја вовлекло цела Европа во директен конфликт со Русија. Унгарската влада категорично одбива да учествува во финансирањето или вооружувањето на украинската армија, која ја перципира како потенцијална закана за сопствените граници.

Според официјална Будимпешта, воената помош што ја координира Европската комисија само го продолжува конфликтот наместо да води кон мир. Оваа позиција дополнително ги затегнува односите со Киев, особено по наводните закани од украински воени лидери упатени кон Унгарија, што дополнително го зацврстува унгарското вето за клучните финансиски пакети наменети за одбрана.

Овој развој на односите на релација Будимпешта- Киев, преку Брисел, доаѓа откако унгарскиот премиер Виктор Орбан остро се спротивстави на амбициите на Украина за членство во ЕУ до 2027 година, нагласувајќи дека земјите-членки ги диктираат условите. Оваа тензија ги одразува подлабоките геополитички поделби и во Унијата околу безбедноста, финансирањето на војната и иднината на европската економска конкурентност.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати директна критика до украинскиот претседател Володимир Зеленски, отфрлајќи ја можноста за забрзан прием на Украина во Европската Унија до 2027 година. Додека Киев инсистира на фиксен датум како безбедносна гаранција против РусијаБудимпешта тврди дека процесот мора да биде исклучиво заснован на заслуги и исполнување на строги критериуми.

Овој судир ги потенцира различните визии за иднината на блокот како што се потребата на Украина за итна интеграција како дел од мировен договор, наспроти инсистирањето на Унгарија дека земјите-кандидатки не можат да поставуваат ултиматуми до Брисел.

Ставот на Виктор Орбан дека „членките ги поставуваат условите“ има директни реперкусии и за Македонија. Оваа изјава е во спротивност со стратегијата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој се обидува да наметне сопствени барања до Европскиот совет и Бугарија како предуслов за уставни измени.

Додека Унгарија важи за политички сојузник на актуелната власт во Скопје, принципиелниот став на Будимпешта за приматот на земјите-членки во преговарачкиот процес сугерира дека кандидатите од Западен Балкан не можат да очекуваат олеснувања или отстапувања од утврдениот процес за членство во ЕУ, надополнет со некакви специфики кои се однесуваат на одделни земји од регионот.

Во случајот Северна Македонија тоа е „францускиот предлог“ како клуч за решавање на спорот со Бугарија во кој пресудни се уставните измени за внесување на Бугарите во конститатувниот акт на државата.

Затоа пораката на Орбан до Зеленски „ЕУ ги одредува условите“, може да се чита и како порака и кон Христијан Мицкоски кој се обидува да наметне свои услови под кои би ги прифатил „францускиот предлог“.

Зачлени се на нашиот е-билтен