Повеќе од 50.000 луѓе се евакуирани поради шумските пожари што главно ги зафатија покраините Измир и Маниса на запад, како и Хатај на југоистокот од земјата, соопшти денес Турската агенција за вонредни ситуации.
„Повеќе од 50.000 граѓани од 41 град се привремено преместени во безбедни подрачја“, објави агенцијата на платформата X.
Областа Сеферихисар, во покраината Измир, западна Турција, е најтешко погодена од пожарите што беснеат од неделата.
Вкупно 42.300 луѓе се евакуирани од шест локации во Сеферихисар, додека 2.936 и 1.500 лица се преместени од покраините Маниса и Хатај, соопшти агенцијата, додавајќи дека 79 лица биле накратко хоспитализирани.
Во покраината Измир, пожарот оштетил 132 куќи и една деловна зграда, додека во Билеџик биле погодени 64 куќи, три деловни објекти и 20 амбари, соопшти агенцијата.
Гаснењето на пожарот продолжи утрово во покраините Измир и Маниса, каде што куќите и индустриските зони се погодени од шумскиот пожар што започна во неделата.
Шумскиот пожар избувна во понеделник во близина на центарот на градот Хатај, каде што предизвика паника кај населението, јавија турските медиуми.
Пожарот во покраината Измир, кој избувна околу 13:00 часот во неделата, брзо се проширил поради ветровите што достигнувале брзина од 70 до 117 километри на час, изјави гувернерот на Измир, Сулејман Елбан.