Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за САД да ја преземат, уништената од војната, Газа и да создадат „ривиера на Блискиот Исток“ по преселувањето на Палестинците на друго место, ја урна американската политика за израелско-палестинскиот конфликт, предизвикувајќи глобална осуда.
Шокантниот потег на Трамп наиде на укор од меѓународните сили, вклучувајќи ги Русија, Кина и Германија, кои рекоа дека ќе донесе „ново страдање и нова омраза“. Регионалниот тешкаш Саудиска Арабија целосно го отфрли предлогот.
Трамп, во своето прво позначајно соопштение за политиката на Блискиот Исток, рече дека замислил изградба на одморалиште каде што меѓународните заедници би можеле да живеат во хармонија по повеќе од 15 месеци израелско бомбардирање што ја опустоши малата крајбрежна енклава и уби повеќе од 47.000 луѓе.
Не е јасно дали Трамп ќе продолжи со својот контроверзен предлог или едноставно зазема екстремна позиција како стратегија за пазарење. Трамп рече дека планира да ги посети Газа, Израел и Саудиска Арабија, но не кажа кога.
„Сите го сакаат тоа“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба во средата, мислејќи на неговата идеја за Газа.
Мајкл Милштајн, поранешен разузнавач и еден од водечките израелски специјалисти за Хамас, рече дека коментарите на Трамп го ставаат Израел на курс на судир со неговите арапски соседи.
Трамп не понуди никакви детали објавувајќи го својот предлог додека го пречека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа во вторникот. Тој рече дека тој и неговиот тим разговарале за можноста со Јордан, Египет и други регионални земји.
Јорданскиот крал Абдула изјави во средата дека ги отфрла сите потези за анексија на земјиште и раселување на Палестинците. Египет рече дека ќе ги поддржи плановите за обновување на Газа, по примирјето што стапи на сила на 19 јануари, без Палестинците да ја напуштат територијата.
Во Газа, Палестинците кои живеат меѓу урнатините на нивните поранешни домови рекоа дека никогаш нема да ја прифатат идејата.
„Трамп може да оди во пеколот, со своите идеи, со своите пари и со своите верувања. Ние не одиме никаде. Ние не сме дел од неговиот имот“, рече Самир Абу Базел во градот Газа.
Во првите две недели на функцијата, Трамп зборуваше за преземање на Гренланд од страна на САД, предупреди на можното заземање на Панамскиот канал и изјави дека Канада треба да стане 51-та американска држава.
Некои критичари рекоа дека неговата експанзионистичка реторика го повторува империјализмот од стар стил, сугерирајќи дека тоа би можело да ја охрабри Русија во нејзината војна во Украина и да и даде на Кина оправдување за инвазијата на самоуправниот Тајван.
Светските лидери рекоа дека продолжуваат да го поддржуваат решението за две држави, кое со децении ја формираше основата на политиката на САД во регионот, според која Газа ќе биде дел од идната палестинска држава која го вклучува Западниот Брег окупиран од Израел.
Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц во средата ја минимизираше идејата дека САД се оддалечуваат од долгогодишната политика на Блискиот Исток. „Сигурно не го слушнав претседателот да рече дека тоа е крајот на решението за две држави“, изјави тој за CBS News.
Официјален претставник на палестинската милитантна група Хамас, која владееше со Појасот Газа пред тамошната војна што следеше по прекуграничниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, рече дека предлогот на Трамп е „смешен и апсурден“.
„Секоја идеја од ваков вид може да го запали регионот“, рече Сами Абу Зухри за Ројтерс, велејќи дека Хамас останува посветен на договорот за прекин на огнот со Израел и на преговорите за неговата следна фаза.
Изјавите на Трамп се чини дека се спротивни на американското јавно мислење, за кое анкетите покажаа дека е огромен дел е против новото воено заплеткување во конфликтните зони по долгите интервенции во Ирак и Авганистан.
Трамп честопати за време на изборната кампања во 2024 година и откако се врати на функцијата тврдеше дека ќе стави крај на, како што рече, „смешните“ војни и ќе спречи други да започнат.
Зетот на Трамп и поранешен помошник, Џаред Кушнер, минатата година ја опиша Газа како „вреден“ имот на брегот и во вторникот Трамп повика на трајно преселување на повеќе од два милиони Палестинци од медитеранската енклава.
Предлогот покренува прашања за тоа дали Саудиска Арабија би била подготвена да се приклучи на обновениот притисок со посредство на САД за историска нормализација на односите со Израел.
Саудиска Арабија, клучен сојузник на САД на Блискиот Исток, рече дека нема да воспостави врски со Израел без создавање на палестинска држава, што е спротивно на тврдењето на Трамп дека Ријад не бара палестинска татковина.
Трамп би сакал Саудиска Арабија да ги следи стапките на Обединетите Арапски Емирати, трговски и деловен центар на Блискиот исток, и Бахреин кој го потпиша таканаречениот Абрахамски договор во 2020 година и ги нормализираа врските со Израел.
Но, во средата, Министерството за надворешни работи на кралството рече дека Саудиска Арабија отфрлила какви било обиди за отстранување на Палестинците од нивната земја и рече дека престолонаследникот Мохамед бин Салман ја потврдил оваа позиција на „јасен и експлицитен начин“.
Итамар Бен Гвир, екстремно десничарски израелски пратеник и поранешен министер за национална безбедност, рече дека „охрабрувањето“ на жителите на Газа да емигрираат е единствената правилна стратегија за крајот на војната во Газа и го повика Нетанјаху „веднаш“ да ја усвои политиката.
Жителите на Газа изјавија дека војната и бомбите не успеале да ги исфрлат од Газа и дека ни Трамп нема да успее во тоа.