Примирје за парада, а не за мир: Зеленски и Западот скептични кон намерите на Кремљ

Според експертите, прекините на огнот по енергетските удари и „Велигденското примирје“ покажале дека деталите за секое идно примирје или мировен договор мора да бидат јавно достапни, формално однапред договорени од сите страни и да вклучуваат сигурни механизми за надзор.

Олександар ЛЕВЧЕНКО*

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Ватикан, каде што двајцата пристигнаа на погребот на папата Франциск. Белата куќа соопшти дека Трамп и Зеленски имале „продуктивна средба“ пред погребот на папата. В. Зеленски, исто така, ја оцени средбата со Трамп како ефикасна и напомена дека за време на разговорите биле разгледувани чувствителни прашања. Ова беше прва лична средба помеѓу Зеленски и Трамп по конфликтот во Овалната соба.

„Американскиот претседател побара личен разговор со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Рим“, изјави советникот за национална безбедност на Доналд Трамп, Мајк Волц, пренесe The Telegraph. Според Волц, Трамп бил решен да се сретне со Зеленски за да се поттикнат преговори за мировен договор за Украина. По средбата со Володимир Зеленски, Д. Трамп изјави дека Владимир Путин треба да ја покаже својата посветеност кон завршување на војната во Украина. „Сакам да престане со пукањето, да седне и да потпише договор“, изјави Трамп пред новинарите. Тој, исто така, изрази разочарување од неодамнешните руски ракетни напади врз Киев и додаде дека не може со сигурност да каже дали Путин навистина има намера да ја заврши војната. Трамп посочи дека можеби Путин го манипулира, па можеби треба да се постапи поинаку, односно преку санкции, пренесува CNN.

Американскиот сенатор од Републиканската партија, Линдзи Греам, зборуваше за подготвеноста на законодавците да се договорат за дополнителни санкции против Русија. Ограничувањата би можеле да бидат воведени доколку Кремљ одбие да склучи „приличен и праведен“ мир со Украина. Греам претстави соодветен двопартиски закон, кој веќе има 60 сопокровители. Републиканскиот сенатор појасни дека станува збор за воведување „секундарни тарифи за секоја земја што купува руска нафта, гас, ураниум или друга стока“. „Сенатот е подготвен да оди во таа насока и ќе го стори тоа со огромно мнозинство доколку Русија не прифати праведен, чесен и траен мир“, нагласи Греам.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин, наводно од „хуманитарни причини“, прогласи привремено примирје во војната против Украина по повод 80-годишнината од „Денот на победата“. Кремљ соопшти дека „примирјето“ наводно ќе трае од 7 до 11 мај. Засега, Руската Федерација вети прекин на сите непријателства и ја повика Украина да направи исто.

Обединетите нации нагласија дека сакаат да го видат крајот на војната во Украина, а не тридневно примирје. Ова го изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дујарич. „Нашиот став останува непроменет: сакаме крај на војната… Тој мора да биде принципиелен и доследен, цврсто заснован на Повелбата на ОН, меѓународното право и сите релевантни резолуции“, рече Дујарич. Претставникот на ОН додаде дека мирот мора да биде одржлив и да вклучува признавање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Тој, исто така, нагласи дека ОН ги цени сите напори за завршување на војната, кои се во согласност со долгогодишниот и повеќепати искажан став на Организацијата.

Американскиот Институт за проучување на војната (ISW) смета дека Путин не го смета примирјето за Денот на победата за сериозен чекор кон траен мир. Според експертите, прекините на огнот по енергетските удари и „Велигденското примирје“ покажале дека деталите за секое идно примирје или мировен договор мора да бидат јавно достапни, формално однапред договорени од сите страни и да вклучуваат сигурни механизми за надзор. Во тој контекст, ISW напомена дека прекинот на огнот што го предложи Владимир Путин не предвидува никакви дополнителни механизми за надзор.

Путин користи еднострано примирје за да добие информативна и воена предност во Украина, додека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го искористи општото примирје како чекор кон постигнување долгорочен и одржлив мировен договор.

Едностраното прогласување на прекин на огнот, исто така, му овозможува на лидерот на Кремљ да го одвлече вниманието од неговото одбивање на американско-украинската иницијатива за 30-дневно примирје. ISW посочува дека руските трупи го искористиле „Велигденското примирје“ за гранатирање и извидување на напредните украински позиции и оштетување на опремата долж линијата на фронтот во подготовка за идни руски офанзиви. Путин веројатно го смета прекинот на огнот како можност за одмор на руските сили пред следната фаза на борби, како и како начин да се осигури дека Украина нема да изведе значајни напади со далекусежни ракети врз Русија.

„Нема причина примирјето помеѓу Украина и Русија да се одложи до 8 мај само за Владимир Путин да обезбеди тишина на парадата по повод Денот на победата“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски, потсетувајќи дека окупаторите користеле ударни дронови „Шахед“ за напад врз цивилна инфраструктура во Черкаската област.

И тоа се случи во момент кога Русија се повикува да го прекине војувањето и да започне примирје. Тој напомена дека Украина е исто така подготвена што побргу да соработува со сите партнери што можат да помогнат во воспоставувањето мир и гарантирањето безбедност. Украина уште на 11 март го прифати американскиот предлог за целосен прекин на огнот.

Киев исто така ѝ предложи на Москва да престане со нападите врз цивилни цели или да го продолжи великденското „примирје“ најмалку 30 дена. Но Русија ги отфрли таквите идеи и сега се обидува да ги измами САД.

„Ние ги цениме животите на луѓето, а не парадите. Затоа светот смета дека нема причина да се чека 8 мај. И огнот не треба да се запира само неколку дена, за потоа повторно да може да се убива“, забележа Зеленски.

Русија, и покрај изјавите за подготвеност за мир, продолжи со вообичаените воени активности по Велигден. Иако ова примирје беше иницирано од самата Русија, таа го прекршила дури 3.000 пати.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го оцени тридневното примирје што го најави Путин како недоволно и се залага за праведен и траен мир со сигурни безбедносни гаранции за Украина. Италија ги поддржува американските мировни иницијативи и позитивно ја гледа подготвеноста на Украина за безусловно примирје.

„Франција планира да го зголеми притисокот врз Русија во наредните денови. Санкции од страна на САД се исто така можни“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува Le Figaro.

Според Макрон, во контекст на завршување на руската војна против Украина, потребно е да се „останe претпазлив“, бидејќи „дел од равенката“ зависи од Москва.

„Мораме да останеме обединети и да го задржиме факторот на одвраќање“, смета шефот на француската држава, изразувајќи надеж дека сепак ќе се постигне примирје помеѓу Украина и Русија.

„Во наредните осум до десет дена ќе го засилиме притисокот врз Кремљ. Не можеше да се дозволи притисокот да се врши само врз Украина“, рече Е. Макрон, не откривајќи детали од своите планови. Тој, исто така, смета дека успеал „да ги убеди Американците во можноста за ескалација на заканите и можноста за воведување нови санкции против Москва.

Постојано се стремевме да создадеме динамика во која претседателот Зеленски ќе се согласи на безусловно примирје. Што, инаку, и го стори во Џеда. Работевме и на тоа САД да го добијат рускиот пристанок за примирје. Сега наша заедничка задача е да создадеме услови за силен и долгорочен мир“, заклучи францускиот претседател.

*Олександар ЛЕВЧЕНКО e поранешен украински амбасадор во Хрватска и Босна и Херцеговина

Зачлени се на нашиот е-билтен