Одлуката објавена пред една недела од британскиот крал Чарлс III, за одземање на титулите на неговиот брат Ендру, беше објавена денес во официјалниот британски весник „The Gazette“, и со тоа формално стапи на сила.
Од денес, титулите на Ендру принц и војвода од Јорк, како и правото да биде обраќан како „Неговото кралско височество“, се официјално одземени, објави Би-Би-Си.
Британскиот крал ја објави одлуката по неколку недели интензивна истрага за врските на поранешниот принц Ендру со осудениот сексуален престапник, американскиот финансиер Џефри Епштајн, кој си го одзеде животот во затвор во Њујорк во 2019 година.
Комитетот за надзор и владина реформа на американскиот Конгрес испрати писмо до братот на британскиот крал Чарлс III, Ендру Маунтбатен Виндзор, во кое е поканет да даде изјава во врска со неговото „долгогодишно пријателство“ со осудениот сексуален престапник, американскиот финансиер Џефри Епштајн, објавува денес Скај њуз.
Американскиот комитет соопшти дека истражува „операции за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација“ на покојниот Епштајн и дека „финансиските записи како што е „масажа за Ендру“ покренуваат сериозни прашања“.
„Одборот се стреми да го открие идентитетот на соучесниците и олеснувачите на г-дин Епштајн и да го разбере целосниот обем на неговите криминални операции. Добро документираните обвинувања против вас, заедно со вашето долгогодишно пријателство со г-дин Епштајн, укажуваат дека можеби поседувате сознанија за неговите активности релевантни за нашата истрага“, се вели во писмото упатено до Ендру Маунтбатен.

