Вознемиреност во Обединетите Арапски Емирати по ново ракетно предупредување

Жителите на Обединетите Арапски Емирати добија официјално предупредување за можна ракетна закана и беа повикани да останат на безбедно место. Предупредувањето доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Иран и земјите од Заливот, а властите велат дека системите за воздушна одбрана ја следат заканата. 

Националната управа за управување со кризи и катастрофи на Емиратите соопшти дека системот за воздушна одбрана регистрирал можна ракетна закана насочена кон земјата. На граѓаните и жителите им било препорачано да останат на безбедно место и да ги следат единствено официјалните информации.

Слични предупредувања веќе беа издавани во текот на годинава, во услови на ескалација на конфликтот меѓу Иран и САД. Во јули властите во Емиратите издадоа ракетно предупредување, но подоцна соопштија дека проектилите не влегле во воздушниот простор на земјата. 

Тогаш властите објаснија дека системот превентивно испраќа предупредувања и кога проценетата веројатност од удар е мала. Целта е населението навреме да се засолни доколку проценката на заканата се промени.

Емиратите во изминатите месеци беа меѓу земјите од Заливот кои се најдиректно погодени од регионалната воена ескалација. Иранските сили претходно лансираа ракети и беспилотни летала кон цели во земјата, додека воздушната одбрана на Емиратите известуваше за повеќе пресретнати проектили. 

Во еден од најсериозните бранови на напади, властите во Емиратите соопштија дека нивните системи пресретнале десетици балистички ракети и голем број беспилотни летала. Во Абу Даби и Дубаи тогаш беа испраќани предупредувања до населението преку мобилните телефони, со повик за засолнување. 

Ситуацијата дополнително ја усложнува фактот што Обединетите Арапски Емирати се наоѓаат во непосредна близина на еден од најчувствителните региони во актуелниот конфликт, вклучувајќи го и Ормускиот Проток, клучен коридор за светската трговија со нафта и гас.

Властите во Абу Даби во повеќе наврати порачаа дека приоритет е заштитата на населението и дека граѓаните треба да се потпираат на официјалните канали наместо на непроверени информации од социјалните мрежи.

Дополнителна причина за внимателност е што во јуни во Емиратите веќе имаше случај кога технички дефект во системот за рано предупредување предизвика испраќање погрешни пораки за можна ракетна закана. Властите тогаш соопштија дека проблемот бил отстранет и дека се преземаат мерки за да се спречат нови пропусти. 

Најновото предупредување повторно го става населението во состојба на зголемена готовност, додека регионалните тензии продолжуваат да влијаат врз безбедноста на земјите од Заливот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?