„Репортери без граници“: Во една година убиени 67 новинари

Организацијата Репортери без граници (RSF) денеска го објави својот годишен извештај, во кој се наведува дека од 1 декември 2024 до 1 декември 2025 година во светот биле убиени 67 новинари, додека во истиот период 503 новинари се наоѓале во затворите на 47 држави. Како исчезнати се водат 135 медиумски работници, некои од нив веќе повеќе од три децении.

Според извештајот, речиси половина од убиените новинари во изминатите 12 месеци, 43 проценти, загинале во Појасот Газа, при што RSF наведува дека за нивната смрт се одговорни израелските вооружени сили.

RSF укажува дека и Украина останува исклучително опасна зона, каде што руската војска продолжува да ги таргетира украинските и странските репортери. Судан исто така се издвојува како една од најсмртоносните воени зони за медиумските работници.

Во Мексико, пак, организираните криминални групи стојат зад драматичниот пораст на убиства врз новинари забележан оваа година.

Извештајот посочува дека најголем дел од новинарите се убиени во сопствените земји, а само два случаи се регистрирани надвор од државата каде што работеле:
– францускиот фоторепортер Антони Лаликан, убиен во руски дрон-напад во Украина,
– салвадорскиот новинар Хавиер Херкулес, убиен во Хондурас.

Заклучно со 1 декември 2025 година, во светските затвори се наоѓале 503 новинари. На врвот на листата е Кина со 121 притворен новинар, следи Русија со 48, од кои дури 26 се украински државјани, најголем број затворени странски новинари во една земја.

На третото место е Мјанмар со 47 притворени медиумски работници. Израел, пак, веднаш зад Русија, држи голем број затворени странски новинари, 20.

RSF потенцира дека една година по падот на режимот на Башар ал Асад во Сирија, голем број новинари уапсени или исчезнати за време на неговото владеење сè уште не се пронајдени. Сирија останува земја со најголем број исчезнати новинари во светот, односно повеќе од една четвртина од вкупниот број исчезнати медиумски работници глобално.

Според податоците, 135 новинари се водат како исчезнати во 37 држави, при што дел од нив се исчезнати повеќе од 30 години.

Во извештајот се наведува и дека 20 новинари се држат како заложници, а дека само во изминатата година припадници на бунтовничката група Хути во Јемен киднапирале уште седум медиумски работници.

Зачлени се на нашиот е-билтен