Индија изврши воздушни напади на територија на Пакистан, при што беа уништени девет кампови кои индиската армија ги означи како центри за обука и регрутација на терористи, соопшти денеска индискиот секретар за надворешни работи Викрам Мисри.
Според него, нападите биле насочени кон „терористичка инфраструктура“ на територија на Пакистан и на делот од Кашмир под пакистанска контрола. Целите биле внимателно избрани за да се избегне штета врз цивилите и цивилната инфраструктура, јавува Гардијан.
– Нападите беа пропорционални и не доведоа до ескалација на конфликтот. Нашите безбедносни служби утврдија зголемена закана од нови терористички напади врз Индија, поради што беа неопходни овие чекори – изјави Мисри на прес-конференција.
Тој додаде дека мета биле т.н. центри за регрутација и почетни точки за напади, кои, како што рече, се наоѓаат во Пакистан и во областа Кашмир под пакистанска администрација.
Индиската армија соопшти дека операцијата траела околу половина час и дека биле користени специјализирани „нискотехнолошки“ системи за да се избегне колатерална штета. Според армиски портпарол, сите цели биле претходно прецизно лоцирани врз основа на разузнавачки информации и нападите биле ограничени исклучиво на воена инфраструктура и кампови за обука на милитанти.
Мисри ги повтори обвинувањата дека терористички групи поврзани со Пакистан стојат зад нападот што се случи во април во Кашмир. Тој истакна дека акцијата во Пакистан е дел од индиската стратегија за уништување на заканите кои произлегуваат од терористичка инфраструктура на соседната територија.
Од другата страна, пакистанската армија утрово соопшти дека во индиските напади се убиени 26 лица, а 46 се повредени, пренесе Ројтерс.
Пакистанските власти ги отфрлија обвинувањата за вмешаност во нападот во Кашмир минатиот месец, изведен од милитантната група Лашкар-е-Таиба. Индија, пак, тврди дека нападот бил поврзан со повеќе групи од Пакистан, вклучувајќи ја и „Фронтот на отпорот“, која презеде одговорност.