Најмалку две лица загинаа во земјотрес со интензитет од 6,5 степени според Рихтерова скала што вечерва го погоди северен Авганистан, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Во соопштението се наведува дека земјотресот бил силно почувствуван и во соседен Пакистан, каде што 13-годишно девојче загинало при уривање на ѕид во семејната куќа, а најмалку 150 лица се повредени во областа Сват на северот на Пакистан, поради што локалните болници прогласија вонредна состојба.
Авганистанските власти најавија дека засега немаат детални податоци за жртвите.
Портпаролот на авганистанското Министерство за вонредни ситуации, Шафиулах Рахими, изјави дека две лица загинале во провинцијата Лагман и потврди дека земјотресот бил многу силен, дека се почувствувал во Бадакшан и во северниот дел на Авганистан, но и во Њу Делхи, главниот град на Индија.
Потресот бил на длабочина од 194 километри со епицентар во планинскиот венец Хинду Куш, во близина на оддалечената провинција Бадакшан на северот од Авганистан, се наведува во соопштението на EMSC.