По повеќе од две децении постоење, денеска (5 мај) „Маjкрософт“ официјално ја гаси комуникациската платформа Skype, која некогаш беше синоним за интернет комуникација.
Скајп започна со работа во 2003 година и стана првата алатка што им овозможи на корисниците ширум светот да остваруваат бесплатни аудио и видео повици од компјутер на компјутер, како и повици кон фиксни и мобилни телефони преку интернет. Платформата предизвика револуција во начинот на комуникација и долги години беше водечки избор за приватни и деловни разговори.
Од Маjкрософт, кој ја купи компанијата во 2011 година за 8,5 милијарди долари, велат дека одлуката е дел од стратегијата за поедноставување на понудата и пренасочување на фокусот кон нивната сè поуспешна деловна платформа Microsoft Teams. Последните милиони корисници на Скајп ќе бидат автоматски префрлени на Teams во текот на наредните денови.
Во соопштението, компанијата признава дека Скајп, „реално, беше на апарати за одржување во живот веќе десет години“. Како главни причини за неговото бавно исчезнување се наведуваат слабата адаптација на мобилната технологија и неможноста да се конкурира со модерните платформи како Zoom, кои доминираа во ерата на работа од дома.
Со оваа одлука, една ера на дигитална комуникација завршува – а Скајп останува запаметен како пионер на видео-повици и симбол на почетокот на новата интернет-епоха.